Пратеникот на Социјалдемократскиот сојуз од Охрид Томислав Тунтев, е одреден за координатор на пратеничката група на коалицијата предводена од СДСМ, дознава OhridNews. Тунтев бил единствен предлог на највисокото партиско раководство на владејачката партија. За одлуката во петок и официјално ќе биде известен претседателот на Собранието.

Во изјава за OhridNews пратеникот Тунтев истакна дека е почестен од дадената доверба, посочувајќи дека функцијата координатор на пратеничата група ќе ја извршува одговорно и професионално.

„Да се биде предложен и избран за координатор на пратеничка група во Собранието на Република Македонија претставува огромна чест. Но, колку што се големи честа и задоволството, уште поголеми се одговорноста и обврските. Само со заедничка соработка со сите пратеници и пратенички групи, со меѓусебна почит и разбирање, со професионално и совесно однесување и со посветено реализирање на работните задачи, можат да бидат постигнати зацртаните цели, што се во интерес на сите граѓани на Република Македонија. На тој начин очекувам овој пратенички состав да испише многу славни страници во нашата историја, со кои ќе се гордееме и ние, и нашите деца, и сите граѓани во државата, кои очекуваат суштински реформи и подобар живот за сите, живот во Македонија.“ – изјави Тунтев.

Пратеникот Томислав Тунтев е роден на 7ми јули 1967 година во Охрид, каде завршил основно и средно образование. Со високо образование се стекнал на Сообраќајниот факултет во Белград во 1991 година каде е прогласен за најдобар студент на генерацијата 1986 – 1991. Дипломираниот инженер за воздушен сообраќај и транспорт постојано го надградува своето образование, во 2006 година магистрира, а во 2009 година станува Доктор на науки од областа на техничките науки на Техничкиот факултет во Битола. Во професионалната кариера извршувал одговорни функции на високи нивоа на аеродромите во Охрид и Скопје, а од 1996 година редовно е ангажиран како предавач а подоцна и професор на Техничкиот факултет во Битола. Бил член на Советот на општина Охрид и претседател на Советот за безбедност во сообраќајот на патиштата на Општина Охрид, а во еден мандат и член на управниот одбор на фестивалот „Охридско лето“. Томислав Тунтев е писател и публицист кој има објавено повеќе научни трудови и стручни дела и книги.

OhridNews