Директорот на НУ „Охридско лето“ Ѓорѓи Цуцковски ги пречека врвните уметници, сопранистката Ермонела Јахо од Албанија, тенорот Чарлс Кастроново од САД и диригентот Марко Боеми од Италија кои утревечер на Античкиот театар со гала-концертот „Љубов“ свечено ќе го отворат 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Како знак на добредојде и почит, сопранистката Ермонела Јахо од директорот Цуцковски доби охридски бисер, додека на тенорот Чарлс Кастроново и диригентот Марко Боеми им беа врачени манжетни декорирани со охридски бисер – традиционални подароци што ја симболизираат културната и уметничката вредност на Охрид.
На средбата, директорот Цуцковски им се заблагодари што токму тие ќе бидат дел од свеченото отворање на најзначајната македонска музичко-сценска манифестација.
Тој истакна дека нивното учество претставува потврда за меѓународниот углед што фестивалот го гради повеќе од шест децении. Потенцира дека „Охридско лето“ и оваа година продолжува да биде место каде што се среќаваат врвната уметност, традицијата и културниот дијалог, а свеченото отворање со уметници од светски ранг претставува достоен почеток на фестивалската програма, информира прес службата на фестивалот.
Ермонела Јахо, Чарлс Кастроново и Марко Боеми се заблагодарија за топлиот прием и гостопримството, нагласувајќи дека за нив претставува особена чест што ќе настапат на отворањето на фестивал со богата традиција и реноме, какво што е „Охридско лето“. Тие изразија задоволство што ќе настапат пред фестивалската публика на една од највпечатливите отворени сцени во Европа – Античкиот театар во Охрид, стои во соопштението.
Свеченото отворање е утревечер на Античкиот театар со почеток во 21 часот. Публиката ќе има можност да ужива во гала-концертот „Љубов“, во изведба на солистите и оркестарот на Националната опера и балет.
OhridNews














