Во 1978 година на репертоарот на драмската програма на „Охридско лето“, меѓу останатите театарски претстави, се најдоа најдоа и два мега театарски проекти од двете најголеми македонски театарски институции. На 20 август се одигра претставата „Хамлет“ од Вилијам Шекспир во режија на Слободан Унковски со Мето Јовановски како Хамлет од Драмски театар од Скопје и на 16 јули претставата „Суд“ од Коле Чашуле во режија на Љубиша Георгиевски од Македонскиот народен театар од Скопје.

Во 2010 година, на големиот јубилеј, 50 години од раѓањето на “Охридско лето“ истите теми се најдоа на репертоарот на драмската програма. На 16 јули „Хамлет“ од Вилијам Шекспир во режија на Дејан Пројковски со Дејан Лилиќ како Хамлет од истата театарска институција, Драмски театар од Скопје и на 14 август „Суд“ од Коле Чашуле овој пат во режија на Љупчо Ѓорѓиевски повторно од истиот театар во кој беше поставена оваа претстава, Македонскиот народен театар од Скопје.

– Овие две клучни теми од светската и македонска класика одигрувајќи се на „Охридско лето“ во временски скок од 23 години само ја потврдуваат стабилноста на македонскиот театар, односот кон големите дела и нивниот третман во најголемите театарски институции повторно и повторно потврдувајќи дека традицијата е столб на македонскиот идентитет. Не залудно овогодишната тема на драмската програма е насловена како Театарски реминисценции, вели драмскиот селектор Ѓорѓи Јолески.

Во 1978 година Љубиша Георгиевски го побара и го доби најдобриот кастинг од Македонскиот народен театар за реализација на „Суд“ од Коле Чашуле. Се уште се зборува за актерските остварувања на актерите на македонскиот театар Ристо Шишков, Петар Темелковски, Славко Нинов, Александар Џуровски, Кирил Псалтиров и Владимир Светиев. Овие  великани на македонското глумиште темата на предавството ја распослаа пред отворените очи на светците во црквата Света Софија кои будно ја следеа секоја реплика и како совост бдееја над вистинитоста за кажаниот збор и изблик на емоција.

– Во 2010 година ученикот на Љубиша Георгиевски, Љупчо Горѓиевски во Македонскиот народен театар ја одбра младата генерација на актери Оливер Митковски, Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Славиша Кајевски и Борче Начев кои во моментов го носат репертоарот на театарот. Љупчо Горѓиевски заедно со Валентин Светозарев, потписникот на сценографијата која е доминантна како идеја во самата претстава, и младиот тим актери создаваат претстава која ја актуелизира темата на предавството, синдромот на самоуништувањето кај македонскиот народ акцентирајќи ја темата на лустрација како актуелен миг од нашето живеење, истакнува во својот осврт кон претставата, драмскиот селекторт Ѓорѓи Јолески.

Претставата „Суд“ ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.

OhridNews