Дневниот центар за грижа на лица со интелектуална попреченост „Зраци“, доби нова донација од австралиската амбасада во РМ. Доделените средства во висина од 5926 австралиски долари, овој пат се искористени за набавка на опрема за кујната на центарот, техника и мебел. Во придружба на градоначалникот Никола Бакрачески, денес, Зраци го посети австралиската амбасадорка Џулијан Фини, која го помага центарот веќе две години.  

– Со реализацијата на овој проект кој беше потпишан во декември значително се подобрија условите за престој на децата и за работа на персоналот. Локалната ги прати сите активности, соработува и ги помага активностите. Досега се реализирани два проекта, од кои првиот во 2015 беше за санирање и уредување на просториите и преземање на обврските за исплата на плати на вработените. Се надевам соработката ќе продолжи, рече градоначалникот Бакрачески.

Амбасадорката Фини која не пропушти на згрижените во центарот да им донесе и соодветни подароци, изрази задоволство од сегашните услови во центарот.

– Драго ми е што сум тука. Зошто сме ентузијасти за центарот, може да се види од лицата на луѓето кои тука престојуваат. Благодарност до градоначалникот и локалната што посветува внимание на сите жители на Охрид, што е чекор напред во ослободување од предрасудите кои постојат кон овие лица со попреченост во развојот, истакна амбасадорката Фини.

Според Зоран Костадиноски, дефектолог во Центарот „Зраци“, секогаш може уште да се средува и доопремува центарот, но во моментов условите се многу подобри од претходно.

„Зраци“ е втор дом и единствена светла точка за социјализација на лицата со пречки во интелектуалниот развој од Охрид. Овој центар, кој функционира околу 15 години, во голема мера ја олеснува обврската на семејствата околу згрижување и чување на овие лица.

– Презадоволни сме од ангажираните лица, условите се се подобри, може да се каже дека центарот има одлични услови за згрижување на лицата кои се тука по неколку часови. Можеме да одиме на работа и да не се грижиме за нивната безбедност, бидејќи ако се дома мора еден член од семејството да биде ангажиран околу нив, вели Орхидеја Топенчарова, родител на згрижено лице во центарот.

Родителите со поддршка за иницијативата „5 до 12“ која продолжува и денес, а чија цел е подобрување на условите за живот на лицата со попреченост, како и отстранување на бројните проблеми со кои тие се соочуваат. – Како биолошки родители се чувствуваме обесправени, тоа се наши деца и ние се грижиме за нив, но неправдата е голема. Како биолошки родители сме деградирани, ако детето влезе во згрижувачко семејство тоа добива накнада од 15000 денари, додека нашата накнада е 4200 денари. Крајно време е државата да поводи сметка за овие деца и родителите. Има случаи што земаат и по 4 деца да ги гледаат што е многу тешко и очигледно не станува за земање од љубов, туку поради материјална добивка. Социјанлите служби мора да водат сметка, потенцира Топенчарова.

Меѓу останатите барања на иницијативата „5 до 12“ за измени на законот се и секое лице со посебни пореби да има право на персонален асистент ангажиран од државата, за лицата чии родители не се повеќе способни да се грижи државата која ќе ги преземе како нивен старатели и им овозможи 24-часовна грижа, комплетна инклузија на лицата во сите сфери на општеството, надоместот на платата на родител на лице со посебни потреби да не биде помал од половина од просечната плата во последните 6 месеци.

Т.К.