Сложено име и за надворешна и за внатрешна употреба, за кое треба уставна промена и повлекување на секакви сомнежи за иредентистички ставови, е рамката што го гарантира затворањето на проблемот, смета грчкиот премиер Алексис Ципрас. Ципрас, на состанокот на пратеничката група на СИРИЗА, каде говореше и за прашањето за името, рече дека грчката влада има преземено одговорност за да се затвори проблемот „со достоинство и патриотска одговорност“ и ја повтори позицијата на Атина и барањата на грчката страна во разговорите.

Грчкиот премиер се осврна и на протестот во Атина, коментирајќи дека владата не ги игнорира демонстрантите и индиректно упати порака до сите оние што бараа „да не се даде името Македонија“. Тој , говорејќи пред пратениците од СИРИЗА, објасни дека Грција уште во времето на Југославија го прифатила терминот Македонија во името на нашата земја, а ова прифаќање продолжило со привременото име ПЈРМ, во кое, како што рече, буквата М значи Македонија. Сега, Владата и земјата, според Ципрас, не се повикани да дадат нешто, што е веќе дадено од другите, туку да добие назад, одредени работи.

OhridNews