Поранешниот лидер на СДСМ, експремиер и претседател на државата Бранко Црвенковски, синоќа имаше прв јавен настап по речиси двегодишна пауза. Во интервју за телевизија Телма, тој истакна дека политичката криза во Македонија не може да заврши со правна разрешница на случајот „Пуч“, ниту пак може да ја реши некој од Брисел, таа е креирана од Премиерот Никола Груевски и може да заврши само со мирни, масовни, но континуирани протести, смета поранешниот премиер, претседател на државата и на СДСМ, Бранко Црвенковски, пренесува „Макфакс“.

„Во Македонија државните институции се приватизирани, затоа во една ваква ситуација не може да се очекува каква било правна разрешница. До промена на власта мора да дојде. Но, притоа мора да земете предвид за какви луѓе се работи. Не може некој од надвор да дојде и да се избори за нас. Тие од Брисел и Вашингтон нема да ни го решат проблемот. За слободата мора сами да се избориме. Овојпат или како народ ќе покажеме дека имаме потенцијал да живееме во саглам средена држава, или ќе си го трпиме ова. Не може некој во Брисел или во Вашингтон да мисли повеќе за нашата држава од нас самите“, рече Црвенковски во телевизиското интервју на „Телма“ во понеделникот вечерта.

Според Црвенковски нема дилеми дека власта е таа која прислушкувала, но дека како тече времето и нивните тврдења и изјави се менуваат, но дека нема институции во земјава, каде може тоа да се докаже, затоа што сите институции се во рацете на власта.

„Како тече времето, самите претставници на власта престанаа да зборуваат дека странска служба вршела прислушување, а сега зборуваат странска служба нарачала прислушување тука преку нивни луѓе. Значи власта се согласува дека прислушувањето е вршено во УБК и на системите во УБК. Јас не верувам дека некој може туку така да влезе во УБК, да ја искористи нивната опрема и да прислушува“, рече Црвенковски .

Ако пак поверуваме во оваа приказна, тогаш според Црвенковски, во УБК работат аматери. Сепак, смета тој, треба да има оставки во УБК, во МВР, но и да има кривична постапка, зашто овие луѓе не чинеле нешто да не заштитат од вакви злоупотреби.

„Јас немам дилеми дека прислушувала власта, а уште пострашно е дека од содржината на прислушуваните разговори постојат низа кривични дела кои биле вршени. Со фактот што Груевски ги заштити и застана зад сите овие луѓе можеме да заклучиме дека главниот нарачател е самиот Никола Груевски“, рече Црвенковски.

За тезата на власта дека не прислушувала, затоа што според содржината на снимките излегува дека сами се прислушувале, Црвенковски кажа тоа изгледа нелогично, но дека неколкупати до сега рекол дека има работа со нелогична власт.

„Но, во овој случај се работи за тоа дека власта сака да ги контролира своите соработници, затоа и ги прислушува и нив“, рече Црвенковски.

За тоа, како актуелното раководство на СДСМ ја води битката, Црвенковски смета дека е погрешно кога целите уште од почетокот се поставуваат високо.

„Така беше со референдумот за ГТЦ. Мој најдобронамерен совет до опозицијата беше кога се најавуваат некакви потези да не се креваат високо очекувањата, затоа што после опозицијата оди чекор-два назад и ја губи предноста. Така беше и со најавата на Заев дека за три дена по објавените бомби власта сама ќе си оди. И сега откако ништо не се случува, се враќаме чекор- два назад. Вие кога се надевате на најдоброто сценарио, треба да го предвидите и другото сценарио. Оваа битка нема да се добие со еден потег. Не треба да се очекува дека работата ќе заврши на 18 мај, еден ден по најавениот голем митинг на 17 мај. Овие од власта не ја даваат власта, спремни се да преземат огромни ризици, затоа што ако ја загубат власта, тие ќе ја загубат и слободата, и тоа треба да се предвиди. Прашањето е колкави ризици сме ние спремни да преземеме. Само со масовни протести, маршови, граѓанска непослушност ќе ги охрабриме сите други што сè уште се плашат. Кога се борите против еден режим, треба да ги придобиете и оние од вториот и третиот ешалон од таа власт. Битката ќе трае долго, бара упорност и не треба никого да залажуваме дека тоа може да се стори со еден потег. Нашата главна цел е овој режим на Никола Груевски да биде срушен. Тој ќе падне, ама прашање е кога и по која цена“, рече Црвенковски.

Според него, лајкови на социјалните мрежи и конференциите за печатот се дел од една салонска битка.

„Наспроти себе имаме луѓе што узурпираа сè. Од аудиоснимките видовме кои се тие луѓе, какви се, кои се луѓето што одлучуваат за нас, паднаа нивните митови, митот за чесноста, за посветеноста, за правдољубивоста… Сега сите граѓани знаат за кого станува збор. Сега повеќе неопределени и не треба да има. Со ваков режим не можеш со ракавици да се тепаш. Овој режим е чувствителен само на реален протест, на масовен протест на граѓаните. Сега клучната одговорност е на раководството на партијата. Тие сега треба да иницираат создавање на едно широко народно движење, мултиетничко, мултиконфесионално, да го надминат она дека ако падне режимот на Груевски, сега СДСМ ќе дојде на власт… ни треба демонополизирање на политичката сцена. Само со масовни и континуирани протести овој режим може да падне. Тоа широко народно движење не треба да биде под капата на СДСМ. Сега секој граѓанин треба да ги препознае своите репрезенти, својата организација, својот поединец, својата група и да излезе на протестите. Прашање е на добра стратегија како тоа да се активира“, заклучи Црвенковски

За поделбите во СДСМ, Црвенковски рече дека клучното прашање во однос на кое се појавиле поделби во најголемата опозициона партија е во однос на дилемата дали да се практикува политика на отпор или да се продолжи со конструктивната политика.

„Сега веќе сите се на страната на политиката на отпор и целата партија мора да се обедини. Вистинскиот лидер не мора секогаш да биде најпаметниот туку оној кој ќе успее да ги обедини сите“, изјави Црвенковски. „Секој да се чувствува дека е дел од тимот и дека придонесува. Тоа е предуслов за успех на партијата. Секој да знае дека има правични критериуми во напредувањето. Посакувам раководството на СДСМ да ја искористи можноста за целосно обединување на СДСМ, да иницираат широко граѓанско движење, да се надминат себе си дека ако биде срушен режимот на Груевски, СДСМ доаѓа на власт. Не. СДСМ ќе дојде на власт, но опозицијата мора да го организира просторот, затоа што секако има и луѓе кои не се за СДСМ а се против власта на ВМРО-ДПМНЕ.“

Црвенковски рече дека него му било јасно дека опозицијата ќе изгуби на локалните избори, затоа што на власт е режим.

„Хазардерски е кога одите во коцкарница, добивате или губите, мене ми беше јасно дека на локалните избори ќе бидат тежок пораз, не зошто народот така сака, туку затоа што е на власт режим. Власта ги злоупотребува парите од граѓаните за избори, целосна узурпација на медиумите, институците се узурпирани и работат само за партијата на власт.Тврдам дека за неколку месеци ќе се покаже дека е неопходно се што е опозиција да застане во еден фронт, тоа народно движење треба да биде мултиетничко, не е доволна само македонската опозиција, туку треба да биде тој фронт мултиетнички, мултирелигиски. Ваков режим може да биде поразен само од народот“, рече Црвенковски.

Смета дека политичка криза во Македонија има подолгорочно и дека таа е поголема и поширока.

„Ние имаме денеска компромитирани политички институции, длабоко економска финансиска криза, кога власта со своите лажни податоци сака да презентира дека сме успешна економија. На краток период може да се издржи со кредити од 300 до 500 милиони евра, на на долг период ќе пукне како меур од сапуница“, рече Црвенковски.

Според него, Груевски и екипата немаат избор, затоа што истиот ден кога ќе паднат тие ќе бидат пред судски процеси, затоа ќе се борат до последно.

Ова е воро појавување на Црвенковски во јавност, откако се повлече од политиката пред две години. Пред десетина дена, тој излезе со отворено писмо, во кое ги изнесе своите видувања на политичката криза во Македонија, а објасни и зошто се држел на страна, пишува „Макфакс“.

Реакции на настапот на Црвенковски

Првиот јавен настап на Црвенковски во јавност, очекувано предизвика различни реакции во медиумите. Дел ги истакнуваат поентите од синоѓеното интервју за Телма, други го релативизираат неговиот настап, а има и такви кои прават критичка анализа на настапот на Црвенковски.

Курир: Зошто Црвенковски го фалеше Верушевски?

„Поради која причина поранешниот премиер и шеф на државата Бранко Црвенковски толку многу го фалеше разузнавачот Зоран Верушевски во синоќешното интервју на Телма? Ова е прашањето кое се наметнува, а за кое се чини дека јавноста веќе од подамна го има одговорот- разузнавачот го држи Црвенковски со прислушувани компромитирачки материјали за чија содржина може само да се нагаѓа, коментираат дел од експертите.“- пишува „Курир“.

+Инфо – Црвенковски: Не треба да се создава впечаток дека на 17-ти ќе биде завршена работата

„Оваа битка против Никола Груевски нема да се добие со еден потег. Не треба да се создаде впечаток дека работата ќе биде завршена на 17 мај вечерта. Оваа битка ќе трае. Тешка работа не чека, изјави поранешниот претседател на Македонија и поранешен лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, вечерва во интервју во емисијата Топ тема на ТВ Телма.

– Треба да одговориме колкави ризици сме подготвени да преземеме ние од другата страна. Само со мирни, ненасилни протести, со граѓански непослушности не дека ние ќе ја промениме логиката на Груевски, но ќе ги охрабриме сите други кои се против овој режим а уште се плашат. Кога се борите против ваков режим треба да ги придобиете по хиерархија луѓето од другите ешалони – рече Црвенковски.“ – пишува порталот +Инфо, кој објави повеќе поенти од интервјуто на Црвенковски за Телма.

ФОКУС – ЦРВЕНКОВСКИ: ПОТРЕБЕН Е МУЛТИЕТНИЧКИ И СЕНАРОДЕН ФРОНТ ЗА ОВОЈ РЕЖИМ ДА ПАДНЕ
„Ваков режим треба да биде поразен само од народот.“
-За неколку месеци ќе се покаже дека е неопходно се што е опозиција да се обедини во ист фронт. Тој фронт, треба да биде мултиетнички. Не е доволна само македонската опозиција, туку треба мултиетнички фронт. Ваков режим треба да биде поразен само од народот, изјави Бранко Црвенковски во вечерашното гостување во „Топ тема“ на телевизија Телма. – е поентата од интервјуто на Црвенковски која ја извлече Фокус.

Република – Црвенковски: Најголемите бранковисти во СДСМ се Заев и Шекеринска

„Поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски, во вечерашното гостување на „Телма“ не ја скокна ниту таа поделба, која секогаш владеела во неговата СДСМ – бранковисти, некогаш бучковисти, заевисти… Според Црвенковски во групата бранковисти влегуваат Зоран Заев и Радмила Шекеринска.

-Јас ви тврдам дека ако е критериумот кој од тие луѓе најмногу напредувал во времето кога јас сум бил на чело на СДСМ, дека најголемите бранковисти во СДСМ се Зоран Заев и Радмила Шекеринска. Дека јас тоа што го имам направено и таа поддршка што сум им ја дал и тоа што направиле од СДММ, младината на партијата, до лидерските позиции, никој друг од партијата тоа го нема добиено – рече Црвенковски.“-пишува порталот „Република“.

„Призма“ – Црвенковски – „газдата“ на отпорот, прв мора да се демонополизира!

На Црвенковски му е мило ако успее фронотот против режимот на Груевски, но не му е мило ако ловориките за тоа ги собере новото раководство на СДСМ. Тој бара демонополизирање на фронтот, всушност, заради демонополизирање на успехот, но самиот не може да ја демонополизира својата улога во СДСМ.

Ако се остават настрана искажаните недоследности, она што заслужува внимание е реалната проценка на Цренковски дека битката против Никола Груевски нема да се добие со еден потег. 

Кога зборува еден политичар, за да му верува јавноста мора да демонстрира искреност, објективност и елементарна доза на самокритика. Токму тоа е она што недостигаше во првиот ТВ-настап на поранешниот премиер, шеф на државата и лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, по неговата двегодишна определба за самоизолација од партискиот и политичкиот живот.

Формално, тоа беше елоквентен, сигурен и самоуверен настап, но под тој „целофан“ останаа видливи бројни контрадикторности, токму како последица од отсустото на самокритичност и објективност при компарирањето на суштинските разлики на периодите за кои зборуваше. Како последица на тоа, или можеби со намера, целата поента на неговиот настап се сведе на желбата да докаже дека актуелното раководство на СДСМ сега се враќа на она за што тој се залагал во 2012 година – политика на отпор и бојкот!

Иако се обиде таа критика формално да ја минимизира, со став дека „сега постојат повисоки приоритети, отколку да се расчистуваат тие работи од пред две години“, целиот потконтекст на неговиот настап беше токму во таа насока: дека тој гледал пред времето, а ова сега, е реакција на задоцнет ум. Притоа не заборави да ги сумира и штетите. Нагласувајќи дека во меѓувреме „се изгубени цели две години“, Црвенковски потенцираше: „Подобро ќе беше оваа битка да ја започневме тогаш“. се вели во анализата на новинарот Катерина Блажевска која може во целост да ја прочитате на порталот „Призма“.

OhridNews