Во насока на подобрување на условите за привлекување на странски гости и развој на туризмот, домашните туристички работници подготвија листа на барања кои ќе бидат доставени до владата, од која очекуваат поддршка во напорите за подобрување на условите за работа и решавање на проблемите во туризмот.

-Пред се тука се мисли на намалувањето на ДДВ-то за храната и пијалоците, спречување на нелојалната конкуренција и човек агенциите, донесување на ГУП-вите за туризмот, како и релевантен маркетинг и презентација на Македонија пред светските туроператори и ширење на таа мрежа, како на крајот би можеле да имаме што е можно повеќе туристи. Исто така потребно е подигнување на нивото на хигиена во целата држава, како и подобрување на стручното образование со цел да се создаде поквалитетен кадар и во хотелите и во агенциите. – изјави Асим Меѓедовиќ од Т.А. „Фибула“. 

Туристичките работници очекуваат добра главна сезона која по бројот на гости и остварени ноќевања ќе ја надмине минатогодишната. Оптимизмот го темелат на склучените аранжмани со странските тур-оператори, но и на зголемениот број на чартер летови од нови дестинации на охридскиот аеродром. Една од нив е Катовице, од каде оваа сезона во Охрид треба да пристигнат околу 3000 полски туристи, а дополнително со автобус уште околу 2000.

Г.М.