Турција преку својот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу се закани дека еднострано ќе го раскине договорот за мигрантите кој во март 2016 година го потпиша со Европската унија и кој досега овозможуваше значително намалувањето на мигрантите и бегалците кон западноевропските земји.

„Можеме еднострано да го раскинеме тој договор. Сé уште не ги известивме нашите (европски) соговорници, сето тоа е во нашите раце“, изјави шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу во периодот кога владаат големи тензии со неколку членки на ЕУ, Германија, Австрија и Холандија, поради забраната за учество на турските политичари на собирите на турската дијаспора во нивните земји во кампањата за референдумот на 16-ти април, на кој ќе се гласа за уставни измени со кои ќе се прошират овластувањата на шефот на турската држава. „Отсега можеме да кажеме ’повеќе нема да го применуваме (договорот) и ќе биде готово. Не ние потребно ничие одобрување“, додаде Чавушоглу.

Шефот на турската дипломатија ѝ префрли на Европската унија дека не го исполни ветувањето за визната либерализација за турските државјани. Во Брисел сметаат дека турските закони за справување со тероризмот ги кршеле човековите права, и поради тоа не се прифатливи за ЕУ, поради што и не ја овозможи либерализацијата на визите за кусите престојувања на Турците во земјите на Унијата. „Либерализацијата на визите е условот без кој не се може“, оцени Чавушоглу.

Договорот за мигрантитте ЕУ и Турција го потпишаа пред една година во Брисел, со цел да се запре секојдневниот прилив на илјадници мигранти и преку Егејот во Грција, а оттаму преку ткн Балканска рута кон западноевропските земји.

Покрај визната либерализација, беа предвидени уште некои отстапки, меѓу кои и финансиската помош за Анкара од 3 милијарди евра со можноста за продолжување на помошта која средствата ќе се потрошат, како и забрзување на со децении замрзнатите пристапни преговори меѓу ЕУ и Турција.

OhridNews
извор Макфакс