Градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко против кого е покренато обвинение во рамки на предметот „Титаник“ за изборни измами од страна на СЈО, се наоѓа во полициската станица „Беко“ во Скопје“. Во моментот кога бил спроведуван од службените лица Темелко на медиумите кусо им кажал дека сам се пријавил во полицијата.

Претходно за Едмонд Темелко беше распишана потерница, а судот му одреди притвор во траење до 30 дена.


фото: Телма

На приведувањето на Темелко реагираше ВМРО ДПМНЕ која ја обвини власта дека гони болен човек во изборни цели.

-Стравот и нервозата од изборниот пораз на СДС се видливи на секое можно поле. Токму затоа повторно беше активирана партиската подружница на СДС, СЈО која побара притвор на Едмонд Темелко, а судството под притисок на СДС донесе одлука за прифаќање на барањето на СЈО. Додека од една страна спротивно на законот СДС и Зоран Заев пуштаат на слобода осудени криминалци, од друга страна политички монтираат случаи и бараат притвори. Двојните аршини на СДС се видливи. Надвор од сите процедури, кршејќи ги правилата, СЈО донесе политичка одлука, Судот испорача. Одлуката единствениот македонски градоначалник во Албанија да оди во притвор претставува врвно лицемерие и уште еден показател за киднапирањето на државата од страна на хунтата на СДС. – соопшти ВМРО ДПМНЕ.

OhridNews