Приказната за Охрид, Галичица, Св. Наум и Oхридскиот бисер ќе бидат дел од  документарниот филм за Македонија, кој го снима Европската телевизија „АРТЕ“. Снимањето на овој документарец е поддржано од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, која детално ги разработи сите сегменти и ги оствари сите контакти потребни за професионално и успешно реализирање на овој проект.

-Директорот на АППТ, Кристијан Џамбазовски на интернационалниот саем за туризам во Берлин, на кој учествуваше и Македонија, оствари првична средба со продуцентот и новинар Мирјана Момирович од телевизијата „АРТЕ“. Во месец март оваа година, АППТ организираше инфо-тура за г-ѓа Момирович, преку која, таа имаше можност да се запознае со природните и културните убавини на нашата земја. Со нескриено воодушевување од богатствата која ги има нашата земја, заедно со уредниците на телевизискиот канал „АРТЕ“ одлучија да снимат документарна репортажа за Македонија од 45 минути, која ќе се емитува на германски и француски јазик, информираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Од таму нагласуваат дека екипата на „АРТЕ“ веќе го има започнато снимањето во Македонија и според планираното истото треба да заврши на 18-ти јуни 2014 година.

Освен убавините на Охрид, во документарниот филм ќе бидат опфатени македонскиот рубин и филигранството, природните убавини на кањон Матка и пештерата Врело, убавините на Маврово, Галичник, Јанче, Лазареполе и манастирот Св Јован Бигорски. Исто така во рамки на филмот ќе биде опфатен и начинот на ловење риба со корморани на Дојранското Езеро, како и винската приказна од тиквешијата.

„АРТЕ“ е француско-германскиот ТВ мрежа, составена од три одделни компании: „Арте ГЕИЕ“ во Стразбур, „Арте Франс“ во Париз (Франција) и „Арте Дојчланд“ во Баден-Баден (Германија). Во медиумскиот простор, оваа телевизија е присутна од 1992 година, односно цели 22 години.

 

OhridNews