Трета година по ред Здружението за Македонско-Бугарско пријателство го одбележа 24 мај, Денот на Светите браќа Кирил и Методиј и празник на словенската писменост и култура со детски литературен конкурс на тема „Солунските браќа сонце на словенските народи“. Оваа година на конкурсот зедоа учество ученици од основните и средни училишта од Кичево,Прилеп и Гостивар, Скопје и Охрид, а првата награда за најдобро дело, таблет, ја доби Филип Ѓорески од ОУ „Христо Узунов“- Охрид.
На натпреварот учествуваа уште неколкумина ученици на ОУ „Христо Узунов“: Ена Крстаноска, Филип Гиновски, Марија Ѓурчиноска, Марија Лекоска, Ѓорѓи Митрески, Софија Милошеска, Стефанија Настевска и Теодора Синадиновска.
Сите учесници на конкурсот добија благодарници за своето учество.
Настанот беше организиран од страна на МБП „Максим Костов“ Кичево а се одржа во ресторанот „Куќа на уметноста“ во селото Кнежино, во околината на Кичево. Официјални гости на свеченоста беа амбасадорот на Р. Бугарија во Македонија, н.е. Иван Петков и аташето за култура на бугарската амбасада Антонија Велева.
Во својот говор амбасадорот Петков го истакна фактот дека во Европа, по влезот на Бугарија во EУ покрај латиницата и грчкото писмо, веќе навлегува и кирилицата.
Претседателот на Здружението за Македонско-Бугарско пријателство Петар Колев истакна дека основната причина за постоењето на здружението е градењето на пријателски и добрососедски односи меѓу братските држави Р. Македонија и Р. Бугарија. Како што истакна Колев, токму празници како 24 мај, ја осмислуваат и идејата за работите кои ги поврзуваат двете балкански држави, изразувајќи надеж дека со силата на знаењето, идните поколенија ќе зачекорат во една подобра иднина.
OhridNews


















