Прекинат е доводот на електрична енергија до угостителските објекти на плажите во центарот на Охрид, чија концесија е истечена. Без струја останаа најатрактивните објекти на потегот од мостот Студенчишта до Парк и населбата Канео.

Постапивме по барање на општината, а концесионерите уредно беа информирани за тоа. – велат од ЕВН.

Од општина Охрид за медиумите кусо информираа дека изминал рокот од 8 дена за престанок со работа кој им бил даден на закупците на плажи чии договори се истечени.

Закупците на плажи велат дека се изненадени од односот на надлежните институции. Укажуваат дека како правни субјекти редовно ги подмирувале сметките за потрошена електрична енергија и дека нема основ да бидат исклучени од електро-мрежата. Најавија дека ќе преземат правни мерки, со цел да ги заштитат нивните права. Додаваат дека им било кажано оти не смеат повеќе да вршат дејност и треба да пристапат кон отстранување на платформите во езерото и терасите од крајбрежјето. Биле информирани и дека објектите сега нема да се уриваат, а дали тоа ќе остане така или тие во иднина ќе може повторно да работат под одредени услови, ќе зависи од тоа дали истите ќе бидат вклопени во просторот од страна на Агенцијата за просторно планирање.

Случувањата околу најавата за отстранување на угостителските објекти од плажите во центарот на Охрид, денеска го коментираа и угостителските здруженија, според кои, тајмингот за преземање такви дејствија е погрешен бидејќи на праг е главната туристичка сезона.

Било какво рушење без соодветна стратегија дали и како понатаму ќе се користи просторот на тие плажи во склоп на туризмот и угостителството, сметам дека е избрзано и краткорочно решение, коешто ќе направи ненадоместливи штети не само за туризмот и угостителите, туку и за луѓето што живеат од таа дејност. – претседателот на Независната угостителска комора Здравко Јосифовски.

Михаил Мишев – Претседател на Здружението на угостители „Охридски еснаф“

Од Здружението на угостители „Охридски еснаф“, чие барање за свикување итна седница на советот на која ќе се расправа за случувањата околу угостителските објекти на плажите под закуп во крајбрежјето, беше одбиено, велат дека се затекнати од таквиот одговор.

Ние се обративме до повеќе институции, а добивме одговор само од советот. Можеа другите тела да најдат за сходно да се организира една средба на којашто ќе беа продискутирани актуелните случувања. Сметаме дека преземените акции не требаше баш сега да се случат, затоа што без разлика како и што, ние не сакаме да задираме во законитоста на работењето на тие објекти, но сметаме дека е погрешен тајмингот за такви акции. – истакна претседателот на Здружението на угостители „Охридски еснаф“ Михаил Мишев.

Г.М.

Нуредини за статусот на Охрид во УНЕСКО: Не треба да дозволиме да се најдеме на листата на загрозено богатство

Георгиески: Градот мора да се ресетира и да се почитуваат законите 

Советот нема мандат да одлучува за плажите, поддршка од советниците за Градоначалникот во напорите Охрид да го задржи статусот во УНЕСКО 

Багери кај Студенчишта, Охридскиот еснаф бара итна седница на советот за статусот на угостителските објекти во крајбрежниот појас