Управата за хидрометеоролшки работи (УХМР), врз основа на податоците од Националната мрежа на автоматски метеоролошки станици, на ден 21-ви јули 2026 регистрираше исклучително високи вредности на удари на ветер, приближни до историските рекордни вредности. Мониторингот на карактеристиките на ветерот се врши со специјализирани сензори и стандардни процедури, обезбедувајќи континуирани и прецизни податоци за струјното поле на ветерот.

Од 47 мерни места за ветер во Републиката, олуја и олуен ветер со брзина од 62 до 88 km/h е регистриран на 12 мерни места, силна олуја со брзина од 88 до 102 km/h на 6 мерни места, орканска/ураганска олуја со брзина од 102 до 117 km/h на едно мерно место, а оркан/ураган со брзина над 118 km/h на 3 автоматски метеоролошки станици. На останатите мерни места е регистриран ветер со јачина под 62km/h, посочуваат од УХМР.

Велат дека, оркан/ураган според класификацијата за јачина на ветер, претставува ветер чија брзина надминува 118km/h. Тоа е екстремно силен ветер кој на оваа територија се случува многу ретко и предизвикува силни разорувања и значајни штети во пошироки размери.

На Автоматската метеоролошка станица во Штип, во 17:00 часот, е регистриран оркан со максимален удар на ветер од 134 km/h со правец запад-северозапад (WNW). Во Скопската котлина, на Автоматската метеоролошка станица Скопје, во 16:10 часот е регистриран оркан со максимален удар од 130 km/h со правец север-северозапад (NNW). Ветер со истата јачина од 130 km/h е регистриран и на Автоматската метеоролошка станица Ново Село во Струмица, Во 17:50 часот, со правец северозапад (NW), потенцираат.

Воедно, додаваат дека со ова се потврдува дека на повеќе локации во државата беа регистрирани оркански удари на ветер, што претставува редок и разорувачки метеоролошки настан.

OhridNews