Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид започна со процесот на воспоставување Канцеларија за трансфер на технологии (Technology Transfer Office – TTO), како една од клучните активности во рамки на меѓународниот проект COPILOT, поддржан од Европскиот институт за иновации и технологии (EIT) и Европската Унија (ЕУ).

Целта на Канцеларијата за трансфер на технологии е да создаде институционален механизам преку кој научните истражувања, иновациите и технолошките решенија развиени на Универзитетот ќе се поврзат со потребите на индустријата и пазарот. ТТО ќе обезбедува поддршка за заштита на интелектуалната сопственост, развој на патенти, лиценцирање на технологии, креирање стартап компании и воспоставување партнерства помеѓу академската заедница и стопанството. Формирањето на ТТО претставува значаен исчекор во развојот на Универзитетот како современа, иновативна и претприемачки ориентирана високообразовна институција. Канцеларијата ќе придонесе за поголема комерцијализација на научните резултати, зголемена вклученост во европски иновациски екосистеми и зајакнување на соработката со домашни и меѓународни компании, потенцираат.
За студентите, велат, ТТО ќе отвори нови можности за развој на претприемачки вештини, учество во иновативни проекти, менторство од експерти и трансформирање на нивните идеи во реални производи, услуги и стартап компании.
На тој начин ќе се поттикне создавањето на нова генерација млади иноватори и технолошки претприемачи. За индустријата, Канцеларијата за трансфер на технологии ќе претставува мост на поврзување со универзитетската експертиза и истражувачките капацитети, овозможувајќи полесен пристап до нови технологии, заеднички истражувачко-развојни проекти, технолошки консалтинг и развој на иновативни решенија кои ќе ја зголемат конкурентноста на компаниите.
Од Универзитетот додаваат дека со воспоставувањето на ТТО, истиот го зајакнува својот придонес во националниот и регионалниот иновациски екосистем и ја потврдува својата посветеност кон поврзување на науката, образованието и индустријата во насока на одржлив економски и технолошки развој.
OhridNews












