Охридскиот Регион да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност предлага Комитетот за светско наследство на УНЕСКО. Конечната одлука за статусот на Охридскиот Регион треба да биде донесена на 48-та сесија што ќе се одржи од 19 до 29 јули во Бусан, Јужна Кореја.

Во Нацрт-одлуката на Комитетот се наведува дека напредокот во спроведувањето на препораките од реактивните мониторинг мисии од 2017, 2020 и 2024 година останува ограничен.

Ги поздравуваат напорите на Северна Македонија за зајакнување на законските рамки и подготовка на нов стратешки документ за политики, и исто така итно ја повикуваат да го забрза усвојувањето на клучните правни инструменти, вклучително и прогласувањето на Охридското Езеро за споменик на природата и Студенчишкото Блато за парк на природата.

Го зема предвид фактот дека во подготовка е нацрт-закон за прогласување на Студенчишкото Блато за парк на природата и дека урбанизацијата во рамките на блатото не е дозволена, сепак изразува жалење за продолжувањето на изградбата на комплексот „Горица 3“, со оглед на неговиот обем и потенцијалните негативни влијанија врз исклучителната универзална вредност и дополнително го повторува своето барање до Северна Македонија да ги запре ваквите развојни активности до завршувањето и доставувањето на Стратешката оценка за влијанието врз животната средина и оценките за влијанието специфични за конкретниот проект.

Ги нотира тековните надградби на инфраструктурата за отпадни води и напорите за мониторинг од страна на двете држави-страни, сепак, изразува загриженост поради бавното темпо на имплементација, и исто така бара од државите-страни да го забрзаат интегралното управување со отпадот и отпадните води, да дадат приоритет на финансирањето на одобрените проекти и да го забрзаат завршувањето на клучната инфраструктура за справување со загадувањето што влијае врз екосистемот на езерото. Го нотира напредокот во однос на Националниот парк „Галичица“, вклучувајќи ги предложените ревизии на зонирањето, планирањето на управувањето со посетители и мерките за регулирање на употребата на теренски возила. Сепак, со загриженост нотира недоследностите што произлегуваат од преклопувањето на законодавството и ограничениот капацитет за спроведување на законите кои и понатаму го попречуваат ефективното управување.

Се наведува и дека кумулативните и тековните влијанија кои произлегуваат од слабото прекугранично управување, отсуството на сеопфатна Стратешка оценка за влијанието врз животната средина, нерешеното урбанистичко планирање и дивоградбите, континуираните развојни притисоци и одложувањата во управувањето со отпадните води и отпадот, предизвикуваат сериозно влошување на исклучителната универзална вредност на доброто.

Во Нацрт-одлуката се предлага Охридскиот Регион да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. Истовремено, од Албанија и Македонија се бара до 1 февруари 2027 година да изготват заеднички корективни мерки со јасна временска рамка за нивна реализација и да достават нов извештај за состојбата.

Министерот за транспорт Александар Николоски минатата недела рече дека очекува Охридскиот Регион да го задржи статусот на заштитено подрачје во УНЕСКО и најави дека работите ќе бидат многу појасни по генералното собрание на УНЕСКО.

По генералното собрание во Јужна Кореја, работите ќе бидат појасни во однос на најкритичната точка, дали ќе оди Охридскиот Регион како загрозено подрачје. Не сакам прерано да давам изјави, но мислам дека ќе успееме да го избегнеме тоа, рече Николоски одговарајќи на новинарско прашање.

Инаку, Комитетот за светско наследство на УНЕСКО и минатата година на 47. сесија во Нацрт-одлуката предложи Охридскиот Регион да биде ставен на листата на светски природни и културни богатства во опасност, но по амандманот поднесен од Владата, на Македонија и Албанија им беше даден дополнителен едногодишен рок за спроведување на препораките.

Н.С.Ј.