За општините кои имаат со закон заштитени зони, ќе важат посебни одредби од Законот за градба кој предвидува и унифицирање на изгледот на објектите во тие подрачја. Такво е старото јадро на Охрид каде во иднина општината ќе може да пропише до детаљ како ќе изгледаат објектите, какви фасади ќе имаат и слично. Доколку општината донесе одлука за унифицирање на изгледот на објектите во заштитените подрачја, има можност да ги намали комуналиите за нив и до 50 %.
-Со ова ќе се заштитат старите градски јадра и ќе се зачува нивната автентичност, истакна министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, на неодамнешната дебата за новините во законите за градба и за просторно планирање што се одржа во Охрид.
Општините на средбата ги изнесоа своите забелешки кои во најголем дел се однесуваат на одредбата за конфискација на земјиштето за што е поведена и постапка пред Уставниот суд, но се оспоруваат и други делови од законите, за кои локалнитае самоуправи сметаат дека ќе бидат неприменливи на терен. Општините средувањето на состојбите во урбанизмот го поврзуваат и со враќањето на сопственоста над неизграденото градежно земјиште на локалните самоуправи, како и со решавање на проблемот со дивоградбите, за што се подготвува посебен закон.










