Мразот речиси целосно го уништи родот на овошките во Охридскиот регион, велат од Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди, која денеска изврши увид во погодените подрачја.
-Излеговме да извршиме проценка во Горно и Долно Лакочереј, Дебело поле, Велгошти, Ливоишта. Од првичниот увид огромна е штетата кај земјоделските производители. Најголема е штетата кај коскестите плодови, исто така и кај јаболката и црешите. Кај јаболката уништувањето е околу 80 проценти, но треба да се сочека ден два да видиме како ќе биде. – изјави Радован Вењаноски, претседател на Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди. Тој посчи дека штети граѓаните можат да пријават секој работен ден од понеделник до петок од 8 до 16 часот во општинскиот услужен центар, во архивата на општина Охрид или на телефонскиот број 046 230 175.
Радован Вељаноски – Општинска комисија за проценка на штети од ел.непогоди
Земјоделците се жалат дека не биле навреме предупредени за опасноста и дека се обиделе со загревање да ги спасат насадите од замрзнување.
– Ни беше кажано само да внимаваме, тоа не е предупредување. Запаливме огнови кои гореа час, час и пол, мислиме дека нешто помогнаа, тоа беше во утринските часови од 4-6 часот. Ние планиравме ноќта помеѓу петок и сабота, а пониски температури беа помеѓу четврток и петок. Така да штетите се големи и можностите да се преземат мерки за посериозна заштита немаше. – изјави Тодор Кецкаров, земјоделец од с. Велгошти, охридско.
Студениот бран предизвика големи штети и во Преспа и други земјоделски региони во земјата. Владата синоќа одржа вонредна седница на која присуствувале повеќе градоначалници од погодените подрачја. Формирана е комисија за помош на земјоделците на кои владата од 2012 година им субвенционира 60 отсто од трошоците за осигурување на насадите. Земјопроизводителите од Охрид, пак, обвинуваат дека осигурителните компании не сакаат да вршат осигурување од мраз и дека основицата на осигурувањето е превисока.
-За 400.000 приход бараа 50.000 денари со осигурување од мраз во мај, јуни и јули, кога нема мраз во Охрид, туку има во април, но ми рекоа дека не осигуруваат од мраз во април. Во друга компанија ми рекоа дека имале големи расходи во невремето во Преспа и дека од мраз не осигуруваат. Цените беа 20 % од вкупниот приход што е многу висока цена и тука некој треба да размисли за тоа. Цените се превисоки и покрај тоа што владата плаќа 60 отсто од трошоците, но и тоа се пари од народот не може некој да ги користи во вакви ситуации. – рече земјоделецот Кецкаров.
И минатата година во април мразот предизвика големи штети во охридскиот регион. И тогаш беше извршена проценка на штетите, но дел од земјоделците во охридско се жалат дека се уште не се обештетени.
Г. Момироски
















