Ставот на Македонската академија на науките и уметностите-МАНУ, дека примопредавањето на куќата на Уранија што во 2004г. со одлука на владата и е дадена на Академијата, ќе може да се изврши откако ќе бидат направени најнеопходните мерки за нејзино зачувување, за охридскиот Завод и Музеј е неприфатлив.

Оттаму велат Академијата веќе три пати одбива да го преземе објектот кој поради архитектонските нарушувања може да се урне, поради што е потребна негова итна санација. “Има еден проект кој е одобрен во 2000г., но јас мислам дека тој не треба да се реализира бидејќи со него се предвидува изградба на лифт во зградата и промена на внатрешноста, која сметам дека треба да се зачува таква каква што е“, вели Јордан Трца-директор на Заводот и Музеј Охрид.

Трца смета дека одлуката куќата на Уранија да и се даде на МАНУ е погрешна зошто според него многу подобро би било таа да се искористи како музејски простор.“Охрид нема етнолошки музеј и Уранија е најпогодна зграда за таа намена, затоа што МАНУ мислам дека ќе ја користи неа само два месеци во годината , додека  во останатиот период  таа ќе биде затворена, а ваква зграда не би требало да има таква судбина“, рече Трца.

МАНУ деновиве се огласи со став дека охридскиот Музеј не се грижел адекватно за Уранија,поради што оваа куќа изградена во афтентичен охридски стил од 19 век е доведена во многу лоша состојба поради што се бараат средства од државата за нејзина заштита. И додека траат препукувањата меѓу охридскиот Завод и Музеј и МАНУ кој одбива да ја преземе куќата на Уранија се додека таа не се заштити, Министерството за култура ургентно одобри средства за санација на најзагрозените надворешни делови од музејската куќа која според најавите наскоро целосно ќе биде реконструирана.