Утре завршува рокот за пријавување за учество на годинешното издание на еден од најстарите и најреномирани турнири во мал фудбал во регионот „Петровден“ во Мешеишта.

Годинава ќе се одржи по 51-ви пат, продолжувајќи ја традицијата која повеќе од пет децении обединува генерации спортисти, рекреативци и љубители на фудбалот.

Котизацијата за настап изнесува 5.000 денари по екипа, додека ждрепката за групната фаза и распоредот на натпреварите ќе се одржи на 15 јуни. Сите заинтересирани екипи своето учество можат да го пријават на телефонскиот број наведен во официјалниот плакат на организаторот.

Како и минатата година, турнирот ќе понуди богат награден фонд од 500.000 денари. Предвидени се и индивидуални признанија за најдобар играч, голман, стрелец и најдобар млад фудбалер.

Минатогодишното јубилејно 50-то издание донесе голем интерес и учество на 34 екипи. Трофејот го освои екипата на АСП ПАК, а турнирот уште еднаш потврди дека е еден од најзначајните спортски настани во охридско-струшкиот регион.

Турнирот „Петровден“ во Мешеишта со децении претставува вистински спортски бренд, место каде се создаваат незаборавни фудбалски приказни, а секое лето привлекува голем број екипи и публика од целиот регион.

 

OhridNews