Македонската спортска гордост Вардар се искачи на тронот од ракометна Европа победувајќи на завршниот турнир во Лигата на Шампиони кој се одржува викендов во „Ланксес арената“ во Келн.

Избраниците на Гарсија Парондо во големото финале од јубилејното десетто издание на завршниците од ЛШ го совладаа Веспрем со 27-24 (16-11) и по втор пат се закитија со златниот медал во ЛШ. Претходно, ракометарите на Вардар ја покорија Европа пред две сезони.

Финалниот натпревар комплетно помина во знакот на македонскиот првак. „Црвено црните“ од почетокот до крајот имаа водство, а Веспрем ниту еднаш не поведе во мечот. Вардар одигра маестрално прво полувреме во кое стекна пет погодоци предност (16-11).

 

Ракометарите на Веспрем со добар почеток на второто полувреме стигнаа до минус еден 17-16. „Вардарци“ не потклекнаа во налетот и ја задржаа минималната предност до 50-та минута. Вардар се одлепи на два голови 20-18, а тој резултат беше активен до крајот. Веспрем прокоцка шанса да намали на еден и да се врати во игра, а на спротивната страна Вардар реализираше и се одлепи на плус три.

Бразилецот во редовите на Вардар, Мораеш постигна шест голови, еден помалку реализираше Чупиќ, а  четири пати прецизен беше Криштопанс. Во тимот на Веспрем, Кентин Мае реализираше шест голови.

OhridNews
Фото: Гол.мк