По оградувањето на просторот околу катедралната црква „Св. Софија“ и поставувањето на бетонските столбчиња со цел просторот околу објектот повеќе да не се користи за паркирање возила, низа реакции од жителите од куќите од овој дел од градот.

Дел од нив го поздравуваат потегот на локалната самоуправа, коментирајќи дека конечно „Св. Софија“ го добила својот заслужен лик и вредност.

Конечно ќе се стави крај на узурпацијата од паркирани автомобили на дворот и просторот околу црквата која е најрепрезентативниот историски споменик на Македонија, велат тие.

За останатите потегот е неиздржан и како што велат, донесен без никаква консултација со жителите кои сега се соочуваат со проблем каде да ги паркираат своите возила.

Се согласуваме дека еден ваков значаен верски објект треба да биде попристапен за туристите и дека можеби просторот околу црквата не е најидеално место за паркирање, но надлежните треба да сфатат дека ние имаме возила кои треба некаде да ги паркираме. Незадоволството е големо, поради што во тек е потпишување на петиција од граѓаните која ќе се достави до месната заедница Стар град со цел да се реагира до надлежните. Бараме во најкраток рок да ни се обезбеди паркинг простор каде ќе може да ги оставаме своите возила, велат жителите.

Дел од бетонските столбчиња по нивното поставување беа искршени, по што во текот на вчерашниот ден беа заменети со нови.

Од локалната самоуправа потенцираа дека оградувањето на просторот околу „Св. Софија“ е со цел да се стави крај на грдата слика од паркирани возила околу овој најзначаен сакрален објект кој е еден од најпосетуваните од страна на туристите, кои многупати едвај се пробиваа меѓу паркираните возила кога влегуваа во црквата. 

Т.К.