Големото стендап шоу „Опстанок“, со кое охридскиот актер и комичар Никола Тодороски одбележува 15 години стендап кариера, ќе се одржи вечерва на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид. Шоуто воедно е и големото финале на осмото издание на Summer Comedy Marathon.
Сè е подготвено за вечерашниот спектакл. На стадионот е поставена голема бина со комплетна сценска, светлосна и аудио продукција, а завршуваат и последните подготовки пред отворањето на вратите за публиката.
„Опстанок“ е ново стендап шоу во кое Тодороски низ својот препознатлив комичарски израз ќе ги претвори секојдневието, општеството и човечките слабости во материјал за смеа. Јубилејната вечер ќе биде своевиден пресек на неговиот 15-годишен пат на стендап сцената.
Атмосферата пред главното шоу ќе ја загрева DJ FACE, ќе настапи и Никола „Братучед“ Сиљаноски, а специјални гости на вечерта ќе бидат Тино и Атанас. Програмата започнува во 21 часот.
Вратите на стадионот ќе бидат отворени од 20 часот. Организаторите обезбедија одделни влезови за посетителите со онлајн и со печатени билети. Влезот за онлајн карти е од левата страна на објектот, додека за посетителите со печатени карти е предвиден посебен влез од десната страна. Касата е поставена во централниот дел, а означен е и службениот влез. На публиката ѝ се препорачува да пристигне навреме за да се избегне метеж пред почетокот.
Билетите чинат 700 денари, сместувањето е по принципот „прв дојден – прв услужен“, а шоуто не се препорачува за лица помлади од 16 години.
OhridNews

















