По повод големиот христијански празник Велигден, утре, 19-ти април, во Центарот за култура, охриѓани ќе имаат можност да уживаат во концертот на македонската вокална атракција- триото „Џентлмен“.

Музичкиот состав „Џентлмен“, на македонската музичка сцена за прв пат беше промовиран  пред две години. Составен е од три врвни професионални оперски вокала: Дејан Стоев – тенор, Кристијан Антовски – баритон и Дарко Нешковски – тенор кои иако млади се музички потковани со веќе изграден стил и одредено искуство во водите на класичната музика. Она што фасцинира е фактот што Македонските оперски „Кавалери“ веќе ги класифицираат како состав од светски рамки кој наскоро ќе може да им парира на веќе докажаните светски реномирани оперски вокали од ваков тип.

На репертоарот на Трио „Џентлмен“, кое функционира по урнекот на светските поп-класични состави, се наоѓаат најголемите светски поп хитови изведени во поп-класичен манир. Публиката ќе може да чуе наполитански канцони, шпански песни, руски романси како и македонско творештво. Досега триото „Џентлмен“ има настапувано низ цела Македонија, но и надвор од земјата.

Концертот ќе започне во 20 часот. Истиот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија. Влезот е слободен.

OhridNews