За новата Влада на СДСМ ќе биде  од особено значење решавањето на проблемите на сиромашните, стечајците, лицата со посебни потреби и пензионерите.  Политиката на новата Влада во оваа област се темели на 4 клучни елементи: достоинствен живот за пензионерите, решение за стечајците, целосна интеграција на лицата со посебни потреби и социјалната заштита, истакна на денешната прес конференција кандидатот за пратеник од СДСМ, Митре Велјаноски.


– Во иднина висината на пензиите би зависела повеќе од промената на трошоците на животот, а помалку од промената на платите. Новата Влада ќе го скрати периодот за усогласување на висината на пензиите, наместо на секои 6 месеци, висината на пензиите ќе се усогласува на секои три месеци. За пензионерите кои живеат во рурални средини оддалечени најмалку 10 километри од најблиската аптека ќе воведеме систем на бесплатна достава на лекови, како и бесплатна здравствена заштита за сите над 65 годишна возраст, рече Велјаноски.
 
Тој додаде дека во Македонија има илјадници лица кои се постари од 65 години, но не примаат пензија, бидејќи не го исполнуваат законскиот минимум од 15 години работен стаж. – На оние лица на кои им недостасуваат до 5 години работен стаж за да стекнат право на пензија, ќе им овозможиме да извршат докуп на стаж. На лицата што нема да извршат докуп на стаж и не се корисници на било каква парична помош од државата, нашата Влада ќе им даде државна социјална пензија, почнувајќи од 2012 година, а ќе се изградат и пензионерски домови со буџетски средства и по пат на јавно-приватно партнерство, потенцира Велјаноски.


Во врска со стечајците, Велјаноски рече дека нивниот проблем конечно ќе бид ерешен преку обезбедување паричен надомест на сите граѓани кои останале без работа поради приватизација на претпријатијата со општествена или државна сопственост, а имаат 15 години работен стаж со платени придонеси.

Според програмата на СДСМ, особено внимание ќе се посвети и на целосната интеграција на лицата со посебни потреби. Меѓу другото, Владата ќе го субвенционира вработувањето на овие лица.

– Нашите напори ќе бидат насочени и кон создавање на социјални населби кои посеопфатно ќе им помогнат на социјално најзагрозените лица. Социјалните населби ќе овозможат повеќекратни поволности за социјално најзагрозените лица, вклучително СОС продавници со намалени цени на основните продукти, поврзување со центарот на градот со пониска цена на градскиот превоз, рече Велјаноски.

OhridNews