– Најнапред, сметам дека е непримерно од Ваша уста да бидат изречени зборови кои имаат за цел некој да се навреди и понижи. Тоа, верувам ќе се сложите, е одлика на уличниот жаргон. Исто така, верувам ќе се сложите, дека основната поента на моето произнесување беше околу Владиниот избор на приоритети, односно разликување на битно и помалку битно во даден миг и дадени околности. За мене, а верувам и за многумина, никогаш не била спорна идејата и проектот. Но, дозволете се уште да сметам, исто така како многумина што сметаат, дека поприоритетна беше изградбата на патот до “Св. Наум“, отколку изградбата на колибите, наведува Велјаноски во својот допис.
– Не прекорувате за употребата на зборот колиби. Почитувана директорке, верувам знаете дека покрај архитектура и археологија, како научни дисциплини, постојат и лексика и дијалектологија. Во сите македонски дијалекти, објектите кои се изградени од кал, прачки и слама се нарекуваат колиби, а не живеалишта. Зборот живеалиште во македоската лексика се употребува од многу поново време, отколку зборот колиба. А, нели зборуваме за автентично доловување на животот на нашите предци од пред три илјади години. Не прекорувате за зборот кал. Зборот малтер, кој Вие го употребувате, е германски збор. Не верувам дека нашите предци пред три илјади години имале трговска размена со Германците. Несоодветната употреба на зборови за времето за кое зборуваме, во литературата се нарекува атипизација, потенцира Велјаноски.
Во однос на споменуваните бројки и износи за остварени посети и остварени финансиски ефекти, Велјаноски истакнува дека верува дека се точни. – Но, намерно или ненамерно, испуштивте да кажете колку народни пари се потрошија за сите тие градежни материјали (слама, кал и прачки ) кои се употребувале пред три илјади години, но, кои, за голема национална жал, и ден денес, и тоа многу често, се употребуваат во сите селски населби во Македонија. Вашите фотографии се од постар датум. Овие што ги приложуваме се од пред неколку денови. Дали и непокосената трева на сламените покриви е доловување на автентичноста на сликата и приликата од пред три илјади години. Дали треба да веруваме дека нашите предци на сламените покриви од колибите одгледувале житни култури. Почитувана директорке, не е коректно Вашата стручност да ја ставате во дневно-политичка функција во сред Изборна кампања, стои на крајот од дописот на Велјаноски.










