Вчера кандидатот за пратеник од ВМРО ДПМНЕ од Охрид, Александар Николоски зборуваше за постигнати видливи резултати од петгодишното владеење на ВМРО ДПМНЕ и истакна дека со 98% ги реализирале поставените цели. Сигурно, господинот Николоски, во овие 98% проценти реализација ги имаше во предвид и затворањето на Специјалната детска болница, единствена од ваков вид во Република Македонија, и ветувањето дека на тој простор ќе биде изграден елитен хотел од висока категорија. Ако господинот Николоски подолго време не прошетал на овој простор, му препорачуваме да го стори тоа и да види како денес изгледа некогаш најубавиот дел од охридското крајбрежје, рече на денес одржаната прес конференција, кандидатот за пратеник од СДСМ, Митре Велјаноски.


– Сигурно, во нивните успешни остварувања, го зеде во предвид и рушењето на Општата болница и оставањето на 50 илјади охриѓани без елементарна здравствена заштита. Добро е господинот Николоски да ја посети Болницата и да види со која динамика се изведуваат градежните работи.Во успесите на ВМРО ДПМНЕ сигурно ги вбројуваат и ветувањата на министерот Зоран Ставрески за финансиска помош од 7-8 милиони евра за ЕМО. Најверојатно за успех се смета и изјавата на министерот за одбрана Зоран Коњаноски, кој пред неколку денови, изјави дека во Турција имало некој кој е заинтересиран за купување на ЕМО. Ништо чудно, до изборите, да дојдат и министерот за внатрешни работи, министерот за култура, земјоделие или животна средина и тие да изјават дека во некоја друга земја има некој што е заинтересиран за купување на ЕМО, изјави Велјаноски.

Велјаноски јавно го праша николоски- Дали  “социјален “стан има добиено и партиски директор од ВМРО ДПМНЕ. Во однос на  инвестирањето во нови рурални амбуланти, Велјаноски рече дека актуелната васт наместо да отвора, ги затвора амбулантите во руралните средини.

Велјаноски обвини дека денес студентите од Факултетот за туризам и угостителство, каде министерот за надворешни работи и носител на листата на пратеници од ВМРО- ДПМНЕ во 5- та изборна единица , Антонио Милошоски одржа предавање,  биле уценувани од страна на неколку професори, дека нема да добијат потписи, доколку не влезат во амфитеатарот и не го слушаат предавањето на Милошоски.

OhridNews