Со нашата Изборна програма нудиме конкретни, реални и остварливи проекти, рече кандидатот за пратеник од СДСМ, Митре Велјаноски, на денешната прес конференција.

– Здравство без партиципација за сите сиромашни граѓани,  постари од 65 години и за деца до 14 години, секоја плата да биде повисока од 9 илјади денари, зголемување на сите видови социјална помош за 40%, драстично помали казни: прво опомена, па потоа двојно намалена глоба. Со цел привлекување поголеми инвестиции државата ќе ја плаќа каматата за кредити за нови фабрики и нови работни места.- ова се само дел од содржините на изборната програма на СДСМ.


Меѓу проектите кои сакам да ги истакнам е автопатското поврзување на Охрид со Битола и Гостивар што е од големо значење за сите, рече Велјаноски.

Тој потенцира дека во програмата е ставен акцент  на подобрување на животот на граѓаните. Во таа насока со програмата на СДСМ се предвидува државата да ја плаќа каматата на станбените кредити за купување прв стан на граѓани на возраст до 45 години. Понатаму, изградба на нов Клинички центар во Скопје, како и изградба на Прва државна кардиохирургија и нов Центар за дијализа.

OhridNews