Трската на Охридското Езеро продолжува да се пали. Пожари има на целото крајрежје каде има појас на трска. Само изминатото деноноќие се случија нови два големи пожари кај Подмолје и Калишта каде е уништена огромна површина на трска во литоралот на езерото.

Штетата е огромна, дотолку повеќе што трската се пали во период кога таму се мрести крапот, а лебедот се подготвува да се гнезди. Последиците се катастрофални и загрижувачки, велат екологистите, кои се сомневаат дека зад палењето на трската стојат интереси за приграбување на атрактивното земјиште за плажи и изградба на сместувачки капацитети.

Oние коишто прават штета не се свесни. Тие имаат единствена цел да се прават што повеќе туристички објекти на брегот на Охридското Езеро, но тоа не смееме тоа да го дозволиме затоа што значењето на трската е големо. За изградба на хотелски објекти има други места, не треба да се уништува трската, оти тоа е голема грешка. – вели екологистот Лазо Наумоски.

Палењето на трската, спорни и сомнителни градежни активности на целото крајбрежје беа причина државата да покрене постапка за одземање на ингеренциите над плажите на Охридското и другите езера во земјата. Општина Охрид најави дека ќе ја почитува таквата одлука, а Струга се’ уште смета дека тоа е погрешен потег. Според градоначалникот Мерко, не само што не треба да се одземаат веќе стекнати надлежности, туку треба да се пренесат и други, со што ќе се зголеми заштитата на крајбрежјето.

Полицијата во многу европски земји се пренесува во надлежност на општините, односно општините имаат и локална полиција. – вели градоначалникот на Струга Рамиз Мерко.

И додека централната и локалната власт се надмудруваат околу надлежностите и ингеренциите, на терен продолжува уништиувањето на животната средина. Државниот инспекторат веќе една недела врши мониторинг на охридско струшката ривиеара, но засега не соопштува што утврдила инспекцијата. Зголемениот број на пожари ја активира и полицијата која формира посебни тимови кои работат на оваа проблематика. Но, до денес тие на лице место не затекнале ниту еден потпалувач и не е поднесена пријава за континуираното опожарување на трската и безмилосното уништување на природата.

Г.М.