Во очи денот на 117 годишнината од смртта на големиот охридски и македонски револуционер Христо Узунов, 24 Април, Основното училиште „Христо Узунов“ со пригодна свеченост му оддаде почит на храбриот патриот, хуманист и идеолог, а воедно беше одбележан и патрониот празник на училиштето.

На патронатот кој оваа година се одржа под слоганот „Со мир и љубов до сплотен свет“, се обрати директорката на училиштето Оливија Пирузева Јанева, која се осврна на 45-годишниот развој на ОУ „Христо Узунов“.

Денес „Христо Узунов“ е училиште кое нуди можност за стекнување квалитетни знаења, навики и вештини. Институција во која беспрекорно функционира триаголникот наставник – ученик – родител, во кое се негуваат меѓусебното разбирање и почитување, секогаш отворено за соработка и комуникација. Тоа е училиште со изграден белег во локалната средина, солидно кадровски екипирано со амбиција за постигнување афирмативни резултати со учениците. Тоа е средина која ги негува традиционалните вредности, но и со подготвеност да се прифатат сите предизвици и иновации во воспитно – образовниот процес. – вели Јанева Пирузева.

Во рамки на одбележувањето на годишнината од смртта на Узунов делегација од општина Охрид предводена од градоначалникот Кирил Пецаков, положи свежо цвеќе пред спомен бистата на револуционерот во дворот на училиштето. Цвеќе положија и останати претставници од политичкиот и јавниот живот во градов.

OhridNews