Необичен рекорд за Гинис деновиве постави хотелот „Гарден“ од Охрид кој ја направи најголема шопска салата во светот. Ваквите настани според стучната јавност придонесуваат за промоција на Охрид на туристичкиот пазар.
-Тоа дава слика и за квалитетот на нашите објекти, нивната подготвеност, професионална припрема. Сите сме сведоци денес дека можеме рамо до рамо да се носиме со соседните земји по однос на квалитетот на услуги и приемот на гостите. – истакна проф. д-р Бранко Николовски од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.
проф. д-р Бранко Николовски
Во кулинарскиот подвиг покрај персоналот на хотелот „Гарден“ учествуваа ученици од средното угостителско училиште „Ванчо Питошески, јавни личности, претставници на локалната самоуправа и угостители од Македонија, Русија и Украина. Тие во специјален сад направија шопска салата од 202,86 килограми според стандардниот рецепт кој се применува во цела Југоисточна Европа.
-Во салатата има по 80 килограми краставици и домати, 20 килограми кромид, 40 килограми сирење, 10 килограми пиперки и ладно цедено маслиново масло. – изјави Димитар Арнаудовски, главен готвач во х. Гарден.
Димитар Арнаудовски
Иницијативата да се подготви шопска за Гинис е на Ина Жарова од Русија, инаку повремен жител на Охрид и најпознатиот професионален угостителски критичар во Русија Олег Назаров, кој зад себе има 16 гастрономски рекорди.
-Минатата година овде пробав многу вкусна шопска салата и помислив дека би било добро да направиме најголема шопска салата во светот. Поканивме набљудувачи од пет држави, а тука е и претставникот на Гинисовата книга на рекорди за Југоисточна Европа кој го верифицира рекордот, со што за прв пат во историјата Охрид влезе во Гинисовата книга на рекорди. Сигурен сум дека други ќе пробаат да го урнат нашиот рекорд, но тоа нема да го дозволиме. – истакна Назаров.
Олег Назаров
На настанот кој го поддржаа Македонско – руската стопанска комора и „Македонски трговски дом“, присуствуваа и петнаесетина сопственици на познати ресторани во Москва. Дел од нив учествуваа во подготвувањето на салатата за Гинис.
Шопска салата од 202.86 кг. за Гинис
Претходно најголемата шопска салата во светот била направена во Бугарија во 2009 година и тежела 86 килограми.
Г.М.
Хотел „Гарден“ Охрид направи шопска салата од 202 килограми за Гинис!














