Охрид ја доби својата прва бутик винарија Мал Свети Климент, во која може да се дегустираат и купат висококвалитетни вина, произведени од грозје од охридскиот регион.
Вчеравечер, гостите во винаријата имаа можност да ги пробаат петте сорти вина: ракацители, памитот произведен по најстарата метода од античко време во амфора, охридското црно, вранецот, како и вранец зреен во специјални буриња.
– Виното Амфора ми е особено драга сорта вино која потекнува од тракискиот период од 4 и 5 век пред нашата ера. Се прави во глинени амфори од 500 литри вкопани во земја со автентична метода како што се правело виното пред 2000 години. Амфорите се донесени од Грузија и секоја од нив тежи 200 килограми. Вкопани се во земја, само грлото е надвор. Тоа се и првите фрижидери, бидејќи држат константна температура на грозјето од каде потекнува и посебниот квалитет на виното, вели сопственикот на винаријата, Будимир Соколовиќ.
Како што истакнуваат стручните лица, отворањето на винаријата е една успешна приказна во чија насока треба да се развива туризмот во Охрид, а охридските вина треба неизоставно да се дел од понудата во угостителските објекти.
– Виното е поезија во шише. Ние сме тие кои треба успешно да го презентираме виното, бидејќи само успешниот гастрономски работник кој добро го познава виното и знае на каков начин е произведено може и успешно да го презентира. Многу е важно да ги цениме нашите вина, јас постојано велам дека нашите ресторани немаат никаков акцент ставено на нашите домашни вина кои секогаш треба да постојат во винската карта, вели проф.д-р Ангела Крстаноска Василеска од Факултетот за туризам и угостителство.
Според професор д-р Сашо Коруновски, отворањето на винаријата е одлична можност Охрид со свои вина да биде дел од пошироката понуда на Македонија која е позната по производството на вино.
– Македонија мора кон туристите да се насочи според нивните потреби кои се се поспецифични. Некои гости и не доаѓаат само за вода, сонце и плажа, туку со одредена тема и приказна, а ова е еден начин како да ја развиеме таа приказна, вели Коруновски.
Ивана Симјаноска, интернационален вински судија и консултант, со пофалби за вложениот напор на Соколовиќ да ги „воскресне“ охридските вина, со цел подзаборавените сорти повторно да бидат присутни. Изрази надеж дека тоа ќе поттикне и нови љубители на вината да отворат винарии.
Гостите во винаријата мал Св. Климент освен во доброто вино имаат можност да уживаат и во извонредната храна за која е задолжен врвниот шеф од светска класа Синиша Салатиќ, кој приготвува медитеранска храна, направена со локални производи и свежи зачини.
Т.К.



















