Сирења и кашкавали, ајвар и лутенка, слатко од сливи, цреши, кајсии…, мед, производи од тартуфи и производи од афион, вина, маџун, ѓомлезе, домашен леб.., козметика од пчелини производи, рачно направени кукли, сапуни и оригинални дамски, ретро плетени чанти – предмети и вкусови во кои се чувствува човечка рака, трпение и љубов можеа да се забележат на тезгите поставени на плоштадот кај Долна Порта како дел од петтото издание на „Вкуси го Охрид – локално: Охридска медовина“.

На „портата на вкусовите” две охриѓанки ги пречекуваа гостите со домашен леб и медовина, напиток со долга традиција, создаден од мед, вода и природен процес на ферментација, за добредојде.
Охриѓани, домашните гости и туристите од разни краишта на светот уживаа во „патување” полно со гастрономски изненадувања.
На овој настан бевме минатата година и многу се израдувавме кога видовме дека повторно се одржува. Сакаме да вкусиме нешто ново (луто слатко од цреши), да си купиме од ‘пробаното’ (зимница, сирење и кашкавал) и да ја почувствуваме атмосферата. Ова е Охрид каков што сакаме да го запомниме – локален, гостопримлив и со вкусови што не можеш да ги најдеш на друго место, велат туристи од Земун, Србија, кои вторпат го посетуваат „Вкуси го Охрид – локално“.

Во Охрид доаѓаме често, ама првпат сме на овој Слоу Фуд настан. Пробавме медовина, купивме превкусни сирења, најубав маџун, а на истата тезга ни подарија штотуку набрано грозје. Тука, во Македонија, се има поинаков вкус кога ќе ти го понуди човекот што самиот го направил. Се одушевивме од лутиот ајвар, пробавме ѓомлезе и многу симпатични овошни џемови и слатка. Ова е вистинска гастрономска дестинација, посочи брачна двојка од Утрехт, Холандија.
„Вкуси го Охрид – локално“ полека, ама сигурно, прераснува во еден од оние охридски летни настани што не се само дел од програмата, туку стануваат дел од доживувањето на градот.

OhridNews











