До крајот на годинава во повеќе градови во Македонија ќе бидат отворени бесплатни државни интернет-кафеа, но не и во Охрид, или барен тоа не е наведено во владината информација на нејзиниот официјален веб сајт.

Според проектот на Владата, бесплатни интернет кафеа ќе бидат отворени во Скопје, Штип, Битола, Гевгелија, Струга, Струмица, Тетово, Куманово, Кавадарци, Прилеп, во кои услугите ќе може да ги користат лица до 26 години, како и жени над 62 и мажи над 64 години,

Намерата на Владата, како што објасни портпаролот Ивица Боцевски, е со овој проект да овозможи пристап на што поголем број корисници, претежно млади луѓе, до услугата Интернет и останатите услуги од информатичката технологија.

Според владиниот портпарол, отворањето на бесплатните државни интернет-кафеа нема да му наштети на приватниот сектор во оваа дејност. Станува збор за проект со кој Владата сака да им овозможи пристап до услугата интернет на социјалните слоеви, објасни Боцевски, посочувајќи оти според првичните проценки проектот нема да биде преголемо оптоварување за Буџетот.