Сите концесионери чии договори се истечени или раскинати задолжително треба да ги вратат плажите со кои стопанисувале во првобитна состојба. Ова е предлогот на Министерството за транспорт и врски со кој Владата на денешната 63 седница, денеска, ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, која се однесува на плажите кои биле предмет на закуп.

Со дополнувањето на Уредбата се задолжува закупецот да го врати во првобитна состојба градежното земјиште кое било предмет на краткотраен закуп предвидено со урбанистички план или урбанистичко-планска документација за плажа, а за кое временскиот рок за краткотраен закуп е истечен или договорот за краткотраен закуп е предвремено раскинат. – информира Владата. Процесот треба да го следат надлежните државни инспекциски служби.

Договорите за закуп на плажите на Охридското крајбрежје, кои ги обврзуваа концесионерите да плаќаат надомест за користење на општините, во најголем дел се истечени во 2016 година, а на некои од нив и порано. Оттогаш имаше еден неуспешен обид во 2018 година преку јавно наддавање да се издадат плажите во Охрид.  Минатата година државата најави преземање на плажите на охридско-струшкото крајбрежје од општините, поради, како што беше образложени, неможноста тие да воведат ред и контрола. Општина Охрид ја поддржа иницијативата на Министерството за транспорт, додека градоначалникот на Струга Рамиз Мерко беше против бидејќи смета дека локалната самоуправа е таа што треба и натаму да стопанисува со плажите.

Во одлуката на Владата нема информација дали се планира издавање на плажите на Охридското Езеро и под кои услови, дотолку повеќе што на праг е летната сезона која е под сериозна закана поради пандемијата од коронавирусот кој најмногу го погоди туристичко-угостителскиот сектор.

Владата на денешната седница донесе и Уредба со законска сила за примена на Законот за угостителска дејност за време на вонредна состојба, со која се уредува начинот на работата на Комисија за категоризација на угостителските објекти.

Г.М.
Фото: Архива/илустрација