Минатата седмица, нашиот репрезентативен бек достигна рекордна бројка на одиграни натпревари. Владо Илиевски се потсетува на моментите кои му оставија најголем впечаток во 10-те години како настапува во елитната континентална лига

Ретко кој кошаркар во Европа може да се пофали со импресивна бројка како оваа на Владо Илиевски. Македонскиот репрезентативец, дебитираше за Унион Олимпија во сезоната 2001/02 и оттогаш, редовно настапува во Евролигата со исклучок на сезоната 2005/06, кога со Виртус Рома играше во Еврокупот. Уште пред таа прва сезона во Евролигата, Илиевски тогаш како член на Партизан, играше во елитното европско друштво, кое во сезоната 2000/01 се викаше ФИБА Супролига.

По 150 одиграни натпревари, во дресот на шест различни екипи (Унион Олимпија, Барселона, Лотоматика Рома, Монтепаски Сиена, Тау Керамика и Анадолу Ефес) и против сите најдобри европски кошаркари во последните 10 години, пријатни моменти за издвојување има многу. Во таа голема конкуренција, еве ги највпечатливите:

Кошот за победа против Малага (со Унион Олимпија, 2002/03)

„Тоа е неверојатно чувство“, вели Владо Илиевски присетувајќи се на тој момент. „Таа сезона имавме фантастична екипа и ми е една од најдрагите на клупски план во кариерата. Тогаш бевме и многу блиску до Фајнл-фор, но поразот од Барселона во последното коло од Топ 16 фазата ни ја заврши сезоната“. Натпреварот против Малага беше во рамки на првата фаза, а Унион Олимпија славеше на домашен терен со 83-82. Во еден од натпреварите кои Љубљана секогаш ќе ги памети, на еден поен предност за Уникаха Малага (81-82), на четири секунди до крајот, блесок на Илиевски. Го претрчува целиот терен, погодувајќи долго положување преку двајца играчи (Гуровиќ и Булок), со десна… А Владо е левак. „Се сеќавам дека навивачите останаа и до еден час по натпреварот на трибините. Не враќаа на бис на теренот и ни аплаудираа. Бевме пресреќни по таа победа, екипата функционираше одлично, верувавме во себе, а тој момент, кога победивме, ми даде мене и на целата екипа, дополнителна мотивација и сила“, вели Илиевски. Со 21 постигнат поен, Владо Илиевски заврши како најдобар стрелец, а беше и најдобар поединец на натпреварот.

Враќањето во Евролигата (од Рим, преку Болоња, до Сиена, 2006/07)

Во сезоната 2005/06, Владо Илиевски настапуваше за Рома и по настапите во Еврокупот, се врати во Евролигата за наредната натпреварувачка година. Почна добро, но почнаа и проблеми… „На почетокот на таа година не се чувствував баш најдобро. Имав пад во формата и чувствував криза во играта и воопшто во кариерата. Атмосферата во Рим не ми помагаше, но во тој тежок момент за мене, ми се најде Заре Марковски“, вели Илиевски. Македонскиот тренер работеше во Виртус Болоња и на негова покана, Владо Илиевски на полусезоната го промени клубот. Работите веднаш тргнаа на подобро. „Неизмерно сум му благодарен на Заре Марковски. Имав прекрасни шест месеци во Болоња, игравме одлична кошарка, уживавме во играта, а и публиката многу ни помогна. Тој период на некој начин и даде нов залет на мојата кариера. Соработката со Марковски ми помогна многу и иако не играв Евролига, се доградив како играч“, продолжи Владо Илиевски. По завршувањето на сезоната, преминува во Монтепаски Сиена, каде го остварува најголемиот успех на клупски план.

Пласман на Фајнл-фор турнирот (со Монтепаски Сиена, 2007/08)

Тоа беше прво и засега единствено учество на Владо Илиевски на Фајнл-фор турнирот во Евролигата. По тесниот пораз од Макаби во полуфиналето, Монтепаски ја совлада Тау Керамика во натпреварот за третото место. „Чувството да се настапува на Фајнл-фор не го доживуваат многу играчи. Мадрид беше одличен организатор и направи голем спектакл. На ова сум многу горд, иако секогаш ќе ми биде по малку криво што водевме на полувреме против Макаби и бевме толку блиску до финале, но загубивме. Бевме многу разочарани во поразот, но собравме сили и одигравме одличен натпревар за третото место кој го добивме во продолженија. Ова е навистина голем успех за мене кој многу ми значи. Најголем досега на клупски план“, вели Владо Илиевски.

Соработката со Светислав Пешиќ (со Барселона, 2003-2005)

Одличните настапи како предводник на Унион Олимпија, го одведоа Владо Илиевски во веројатно најбогатиот и најорганизираниот клуб во Европа. „Нема играч што не сонува еден ден да стане дел од спортска организација како што е Барселона. Не само кошарка, зборуваме за организација во сите спортови. Барселона е еден од најпознатите брендови во светот. Огромно е задоволството да сте таму, соработувате со сите најголеми имиња во европската кошарка во моментот“. Покрај соработката со играчи како Бодирога, Фучка, Наваро, Дуењас и слични, тренер на Владо во тој период е еден од најистакнатите тренери во историјата на европската кошарка, Светислав Пешиќ. „Пешиќ ви дава неверојатна поддршка, постојано чувствувате дека некој стои зад вас во секоја ситуација и тоа е многу силно чувство на сигурност. Се поретки се вакви случаи во денешно време. Што и да се случи, дури и надвор од терените, на натпревар како ништо да немало. Секогаш сум имал врвен однос со Пешиќ, од кого научив многу важни работи за мене како играч, но и како човек“, вели Илиевски. Во 2004 година, како важен дел од играта на Барселона, Владо Илиевски ја освои АЦБ лигата на Шпанија. Еден е од ретките играчи кои ги имаат сите три трофеи (Првенство, Куп и Суперкуп) од најкошаркарската земја во Европа.

Кош за продолженија против Панатинаикос (со Унион Олимпија, 2010/11)

Уште еден од оние натпревари за паметење и повторно со Унион Олимпија. Пред 13.000 гледачи во „Стожице“ арената во Љубљана, еуфорија по победата против големиот противник од 85-84. Панатинаикос имаше водство пред крајот на четвртата четвртина, но една одбиена топка во последните секунди се одбива до Илиевски, кој веднаш се крева на шут и реализира за 72-72 и за продолженија. Таму Дијамантидис добива шанса со реализација на три слободни да изедначи, но го промашува третото и Олимпија слави. „Каква што атмосфера имаше на трибините таа сезона, никогаш немало“, вели Илиевски. „Тоа е сезона за паметење, остваривме голем успех во многу тешка група и многу ми е мило што натпреварот токму против најсилниот противник успеавме да го добиеме. Таа година игравме и финале на Јадранската лига и некако се се поклопи“, истакна нашиот репрезентативец.

Секако дека важен дел од Евролигашката кариера на Владо има и неговото деби во европската елита, со Партизан во тогашната Супролига (сезона 2001/02). „Ја паметам таа цела година многу добро и тоа што можам да кажам за неа е дека беше преполна со емоции. Знаеме сега што Партизан значи во Европа и каква е атмосферата на неговите натпревари, а ова беа самите почетоци. Дебито е голема работа, означува нова страница од вашата кариера и без разлика што имав мала минутажа, тогаш како млад играч, заработив непроценливо искуство. Во Партизан, особено таа сезона, израснав како играч и како личност“, вели Илиевски.

Бројни се моментите кои можат да се издвојат од настапите на Владо Илиевски на клупски план, против врвните европски кошаркари и најдобрите екипи од „Стариот континент“, но во ова потсетување, Владо не издржа да не потсети што всушност е над се. Што се издвојува како најдобриот момент во неговата кариера. „Зборуваме за клупските настапи, сепак, тоа што ми се случи ова лето надминува се останато. И после месеци, се уште ми трепери гласот кога зборувам за тоа. И не знам дали некогаш ќе се промени тоа. Во Литванија и потоа, на пречекот во Скопје, доживеав емоции кои се ненадминати и мислам дека никогаш нема да ги надминам. Период, без размислување најдобар во мојата кариера. Моменти, кои зборови не можат да ги опишат. Моменти, кои и при самото потсетување, ме прават најсреќниот човек на светот“, заврши Владо Илиевски.

Ohridnews