После дваесетина години, деновиве низ етерот на радио брановите може да се чуе една рeвитализирана култна емисија за Охрид, која последователно го привлекуваше вниманието на слушателите во раните деведесетти.

„Реликвија“, чиј автор е новинарот и публицист, Владо Жура, токму пред две децении се стекна со огромна популарност меѓу слушателите од сите возрасти, доловувајќи им на охриѓани не само случки и приказни од минатото, туку и целокупното „богатство“ со кое располага градот.

Идејата потекна од редакцискиот колегиум на Радио Охрид, чиј некогашен член бев и јас, кои со преоѓање на целодневна програма бараа содржини со кои би се попилниле термините за контактни емисии со слушателите во утринските часови. Мене ми беше понуден едно часовен термин, а јас им понудив контактна емисија со работен наслов „Реликвија“, која широко беше прифатена и се емитуваше еднаш седмично во текот на 1991, 1992 и 1993 година.“ – започнува авторот на емисијата, охриѓанецот Владо Жура.

Зошто токму „Реликвија“?!

Како што објаснува Жура, зборот „Реликвија“ кој означува предмет кон кој се има религиозна почит, во суштина е употребен како синоним токму за градот Охрид.

Јас тоа го употребив во преносна смисла кон мојот Охрид, како збир на бројни реликвии кон кои имаме и треба да имаме почит, заради многубројни и значајни вредности. Значи, кога велам реликвија, мислам на најголемата од сите реликвии и единствената по значење за мене, а тоа е мојот Охрид- за кој безброј пати сум нагласил дека да се живее во град кој постои повеќе од триесетина столетија. Нам на жителите не само што ни дава чувство на привилегија, ами и морална обврска постојано да се трага, да се иследува и спознава секој период од минатото негово и наше и со тоа, и неговото место во светските цивилизациски вредности. И така почнавме.“ –  објаснува Жура.

Охрид непресушен извор на инспирација

Емисиите на Жура содржат интересни податоци и случки кои што се малку познати во јавноста, односно подзаборавени од минатото на старозаманскиот Охрид.

Содржините беа најразлични. Нашиот град е град на Климента и Наума, жариште и расадник на словенската писменост, седиште на Самуиловото Царство, центар на Охридската Патријаршија и Архиепископија. Останале бројни сведоштва за живите политички врски на охридските црковни поглавари Теофилахт, Димитри Хамотјан, Леон, Костантин Кавасила, Теодул, Нектариј, Атанасиј…Арсениј. Во деветнаесеттото столетие и развиените деловни врски со пазарите во градовите Виена, Трст, Лајпциг, Милано, Одеса, Цариград, имало свое влијание и на музиката и на севкупниот живот и секојдневието во Охрид, за што сведочат и многубројните записи на патеписците како Ами Буе, Пуквил, Хан, Едмонд Спенсер, Едвард Лир. Сето тоа е неизмерно богатство, една вистинска ризница од која црпев интересни податоци и им ги соопштував на слушателите.“ – вели нашиот соговорник.

Престанок на емисијата

Во текот на 1993 година „Реликвија“ престанува да се емитува во етерот. Како што вели Жура, емисиите се снимани на аудио-касети, а повеќе од 20 години се чинеле напори за истите да се дигитализираат.

Емисијата одеше во живо, со помош на примитивна техника, во споредба со сегашниот степен на развој на аудио техниката, за моја документација замолив да се снима на аудио касети. Чинењето на касетите тогаш ја достигнуваа половината ако не и цеата вредност на хонорарот, а и пазарот беше преплавен со касети од различно потекло и непроверен квалитет. Нејсе, во текот на 1993 г. емисијата престана да се емитува, имам заборавено од кои причини, минуваа години останаа само спомените. Во текот на овие повеќе од дваесетина години се чинеа напори да се дигитализира, компјутерски да се пресними од касети и да се префрли на нов носач на звук и со тоа да се возобнови емисијата и да им се презентира во изворна форма и на новите поколенија , но сè остана само пуста желба.“ – вели Жура.

„Реликвија“ повторно во етер

За прв пат после две децении, во месец февруари оваа година повторно во етер е пуштена емисијата „Реликвија“, тематски посветена на охридскиот беседник, Григор Прличев.

Сè до февруари годинава, кога во чест на Прличета, Славчо Спростран, инаку еден од најагилните соработници на емисијата „Реликвија“, реши да пушти преку неговото интерент радио Охрид 24 една стара касета со пригодна емисија посветена на охридскиот беседник Прличе како пробна пилот емисија. И потегот беше поздравен од слушателите. Емисијата беше повеќе пати рапризирана за да им се овозможи прием и на слушатели од различни временски зони. И оттогаш секоја среда, во 20 часот „Реликвија“ повторно оди во етерот, пред нова слушателска публика. И јас, како сите останати слушатели, за прв пат по толку години ја слушам емисијата и можам да речам дека истата звучи свежо, како сега да е снимена, а содржната е актуелна и воопшто не се приметува дека емисијата е работена пред две децении.“ – завршува Жура.

O.T.