Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ покренува иницијатива за итно и неодложно ослободување и амнестирање на сите лица кои извршиле одредени законски прекршувања во инцидентите пред и во парламентот на Република Македонија на 27-ми април 2017-та година, информираат од партијата.

– ВМРО-ДПМНЕ иако беше со блиски а во некои делови и идентични ставови со ставовите на  граѓаните кои мирно протестираа цели 80 дена, беше првата партија која јавно ги осуди законските прекршувања од дел од граѓаните кои протестираа и со тоа се наруши мирниот карактер на овие граѓански протести. Сепак, гледајќи од денешна гледна точка, кога пред очите на целата јавност со политичка одлука и интервенција се ослободуваат огромен број сторители на тешки кривични дела, меѓу кои и свирепи убиства на етничка база, што говори дека е ова масовен тренд, добро испланиран, а не случајност, ВМРО-ДПМНЕ смета дека е неправедно било какво натамошно гонење на лицата учесници во немирите на 27ми април, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Оттаму потенцираат дека жестоко ги осудиле повредувањата на пратениците на 27-ми април, но не сметаат дека нивните рани повеќе болат од раните на оние лица чии сторители, како што велат, наскоро ќе бидат ослободени со законот за амнестија веднаш по изборите.

– Уште помалку цениме дека делата за кои се теретат овие лица се поважни од животите на убиените млади лица кај Смилковското езеро, и редица други повреди сторени од лица кои веќе се наоѓаат на слобода или наскоро ќе се најдат на слобода со политички договор помеѓу коалиционите партнери на власта или со политичка одлука или интервенција на СДС, велат од ВМРО ДПМНЕ.

ИК на ВМРО-ДПМНЕ соопштува дека од овие причини пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандман на законот за амнестија или ќе предложи посебен закон за прекин на постапката и ослободување на лицата учесници во немилите настани од 27-ми април 2017.

Од ВМРО ДПМНЕ потенцираат дека со овој чекор партијата не го менува својот став во правец дека физичкиот напад врз пратениците беше голема грешка на дел од демонстрантите, ниту пак се повлекува од неговата осуда, но, имајќи ги во предвид неправдите со ослободување по политичка интервенција и договор на сторители на идентични или потешки кривични дела, смета дека правично е да се ослободат и овие лица.

OhridNews