Претстојните парламентарни избори повеќе наликуваат  на референдум, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски промовирајќи ја изборната програмата на партијата наречена „Манифест за реформи и развој“.

Констатирајќи дека ВМРО-ДПМНЕ многу потешко дава ветувања од својот политички опонент СДСМ, Груевски нагласи дека неговата партија секогаш се држи до ветеното.

„Разликата е толку голема што овие избори повеќе наликуваат на референдум. На едната страна ќе биде нашето „да“ , а на другата страна нивното „не“. Или реформи и развој или вечна транзиција, сите ние ќе бидеме исправени пред изборот“, изјави Груевски.

Токму од тие причини, според Груевски, програмата на ВМРО-ДПМНЕ, во чија изработка јавно биле поканети сите заинтересирани граѓани, се подготвувала подолго време.

„Тргнавме од максимата дека секогаш може и мора подобро. „Манифест за реформи и развој“ е усовршена програма базирана на позитивните и негативни искуства од „Преродбата“ и треба да даде побрзи резултати во економијата и развојот на општествениот живот“, рече Груевски.

Тој истакна дека овој документ содржи цврсти ветувања и претставува најдобар одговор за сите што ја плукале и оспорувале работата на досегашната власт.

Информирајќи дека „Манифестот за реформи и развој“ содржи над 1.200 проекти, Груевски посочи дека најдобра гаранција за нивно исполнување се остварените 1.185 проекти во изминатиот период.

„Јас не можам да бидам мирен додека не го реализирам ветеното во оваа програма, а кога јас не сум мирен не ги оставам на мир ниту министрите, ниту директорите, ниту администрацијата која треба да учествува во реализацијата на ветеното, не толку заради тоа дали ќе ги добиеме и наредните избори, туку повеќе заради образот и честа“, изјави Груевски. Тој рече дека избори се добиваат и губат, но образот и честа се губат само еднаш.

„Нашата цел е членство во ЕУ и НАТО, а тоа е можно со реформи и многу, многу работа“, рече меѓудругото Груевски.

Тој наведе дека за разлика од политичкиот опонент кој најавил дека ќе оди со прогресивно оданочување, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со политиката ниски даноци и ќе спроведе дополнително намалување на давачките.

Притоа Груевски вети укинување на данокот за малите претпријатија со вкупен годишен приход до три милиони денари, намалување на ДДВ од 18 на 5 отсто за туристичките услуги и за суровото масло за јадење, намалување на царинските стапки за одредени репроматеријали и производи, намалување на стапките за социјални придонеси и намалување на административните трошоци на фирмите и граѓаните.

Според Програмата, партијата останува посветена на реализација на стратешките приоритети: зголемување на економскиот раст и вработеноста, како предуслов за пораст на животниот стандард на граѓаните, интеграција во ЕУ и во НАТО, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно спроведување на правото преку длабоки реформи во судството и јавната администрација, одржување на добри меѓуетнички односи врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување, подеднаков третман на сите пред законот и довршување на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, како и инвестирање во образованието, науката и информатичката технологија.

OhridNews
извор: „Макфакс“