20 години ВМРО ДПМНЕ кампањите ги започнува од Охрид, најубавиот град во Македонија, град на големи револуционери, кој остави силен белег во формирањето на нашата нација, црква, држава и вечерва токму од градот кој е наша гордост ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата ја започнуваат кампањата за својата нова победа и победа на Македонија. Вака го започна своето обраќање  лидерот на владејачката партија, Никола Груевски, на големиот митинг во Охрид со кој ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија ја почнаа кампањата за предвремените парламентарни избори  на 5-ти јуни, чие мото е „Дали сте за реформи“.


– Дали сте за победа? Дали сте за нови 1200 проекти во наредните 4 години? Дали сте за реформи и развој на Македонија? Дали сте за да имаме нови намалувања на даноците? Дали сте за да се намали ДДВ-то за туристичките услуги од 18 на 5 проценти? Дали сте за да се обезбедат уште поголеми субвенции за македонскиот земјоделец? Дали сте за да се зголемат пензиите за една третина и на платите во јавниот сектор за најмалку 22 проценти? Дали сте за ДА или сте за НЕ? Јас сум за ДА, ВМРО ДПМНЕ е за ДА, СДСМ е за НЕ.– рече Груевски.


Лидерот на ВМРО ДПМНЕ покрај намалување на данокот за туристички услуги веднаш по изборите, најави бројни проекти во Охрид. Меѓу другото изградба на туристички зони во градот каде по примерот на слободните економски зони ќе се овозможи изградба на хотели, како и негова промоција во 7 европски главни градови и на најгледаните телевизии и најчитани весници. Во 2013 година, рече Груевски, ќе започне изградба на магистрален пат од Косел до Св. Наум во должина од 39 километри вреден 70 милиони евра, како и изградба на автопат од Охрид до Гостивар, 3 нови училишни спортски сали, затворен базен, нови авионски линии на реновираниот аеродром „Св. Апостол Павле“, возобновување на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник и целосна илуминација на црквата Св. Јован Канео и на други вредни историски објекти, изградба на пречистителни станици на Охридското Езеро, воспоставување на бродска линија Охрид-Поградец, завршување на реконструкцијата на општата болница и нејзино опремување, изградба на Здравствениот дом во Охрид, нови пешачки патеки и хортикултурно уредување околу езерото, изградба на нови социјални станови и куќи и друго.


На митингот што се одржа во препознатлив амбиент со многу партиски знамиња и еуфорични скандирања, беа претставени сите 120 кандидатите за пратеници на Коалицијата за Подобра Македонија. Пред симпатизерите говореа претставници на партиите од коалицијата и носителите на кандидатските листи во 6-те изборни единици, кои  истакнаа дека на претстојните избори референдумски ќе ги поразат транзиционите политичари и ќе освојат 62 пратенички мандати.


-Длабоко навлеговме во реформите за кои искрено веруваме дека ќе ја променат Македонија во една вистинска, модерна, европска држава и верувам дека после 4 години упорна работа, со темпо како и досега, луѓето навистина ќе се чувствуваат безбедни и конечно сите ќе прифатат дека пред законите се еднакви и никој нема да биде поинаков од другите.-истакна носителот Гордана Јанкуловска.


На досега најголемиот предизборен митинг што ВМРО ДПМНЕ го одржала во Охрид присуствуваа десетици илјади граѓани од сите краеви на државата. Митингот заврши со голем огномет над Охридското Езеро.

OhridNews