Општинскиот комитет на ВМРО-Народна парија на прес конференција информира дека е извршено уништување на водоводниот систем во селото Свињишта, на кој пред една година од страна на ЈП Нискоградба бил извршен зафат за подобрување на водоснабдувањето во селото, а со средства од локалната самоуправа.

– Нискоградба минатата есен изврши зафат и постави нова линија како дополнување на постојниот систем за водоснабдување во должина од 500 метри.  Минатата недела, според очевидци од жителите, активисти од ВМРО- ДПМНЕ  уништиле дел од водоводниот систем и цевките и е направена штета од 5.000 евра, рече актуелниот директор на ЈП Нискоградба, воедно член на ВМРО- Народна партија, Владо Цветкоски кој додаде дека деновиве екипите на јавното претпријатие интензивно работаат за санирање на направената штета.



Според претседателот на општинската ВМРО- Народна партија, Ванчо Костоски, тоа е обид за  притисок врз жителите на Свињишта со цел да гласаат за ВМРО- ДПМНЕ.

– Минатата недела остваривме средба со населението во селото на која имаше добар одзив, па некој се исплаши дека во таа општина на изборите ќе бидеме партија број еден. Немаа друг начин и затоа го уништија водоводот.  Апелирам до СВР- Охрид, каде е пријавен случајот, да превземат мерки за што поскоро откривање на сторителот, рече Костоски.

Претседателот на ОК на ВМРО- Народна партија, обвини дека во текот на вчерашниот ден активисти и кандидати за пратеници од ВМРО- ДПМНЕ,  заедно со директорот на ЕМО- Охрид ги посетувале домовите на вработени во оваа компанија со цел да ги заплашат и да гласаат за нивната политичка опција.

– Им кажуваме дека нема да потклекнеме. Одат кај вработени, наши членови, кои четири месеци  не добиле плата, а им вршат притисок да гласаат за нив. Нашата партија е демократска и секој може да ја напушти, но не под притисок два дена пред изборите, рече Костоски. Според него, на претстојните парламентарни избори  3.000 сегашни членови од ВМРО- ДПМНЕ ќе го дадат гласот за ВМРО- Народна партија и заедно со гласовите од нивното членство очекуваат вкупно од седум до осум илјади гласови во општина Охрид.

OhridNews