На охриѓани им се обрати претседателот на ВМРО НП, Марјан Додовски, кој истакна дека вистинските патриоти во Македонија се во редовите на ВМРО-НП. Тој посочи дека зачленувањето на Македонија во ЕУ и НАТО повеќе не е условено само со решавањето на спорот за името, туку и со враќање на демократијата во земјата.
-Патриот во 2011 година ќе биде оној кој Република Македонија ќе ја внесе во ЕУ и НATO. До преде две до три недели Македонија имаше само еден услов – решавање на спорот за името со Грција, меѓутоа сега има уште еден голем услов, а тоа е враќање на демократијата во Македонија, затоа што не можете во ЕУ и НАТО кога ја згазивте демократијата и затоа сме ние тука да ја вратиме демократијата, повторно да ја кренеме Македонија на нозе, да донесеме економска стабилност и да ја вратиме надежта кај граѓаните.-рече Додовски.

На митингот говореше претседателот на ОК ВМРО НП – Охрид и кандидат за пратеник, Ванчо Костоски, кој истакна дека се врши притисок врз членството од страна на ВМРО ДПМНЕ.
-Ги повикувам да прекинат да прават притисок врз нашите членови, затоа што ние не сме мачиња, ние сме македонски лавови и остро ќе одговориме-рече Костоски.

Почесниот партиски лидер и носител на листата на ВМРО-НП во 5-та изборна едница Љубчо Георгиевски на охриѓани им порача дека идната влада на Македонија нема да може да се формира без ВМРО-НП, која, според него, по изборите ќе била трета политичка сила во Македонија.
-Во Охрид ВМРО НП ќе биде втора, а севкупно на изборите ќе биде трета партија. Тие што сакаат да направат нова влада ќе мора да разговара со нас. СДСМ ќе го чекаат три услови, а ВМРО ДПМНЕ шест услови. Првиот услов ќе биде јавно да се одречат од Ѕинго и Латас, а другите ќе им ги кажеме на 5-ти јуни.-најави Георгиевски.

Геоергиeвски истакна дека доколку ВМРО НП ја добие довербата на граѓаните на изборите ќе се залага за демократизација на државата, преку укинување на несоодветната казнена политика во земјата и враќање на слободата како основно демократско право, брза евроатланска интеграција и економска преобразба.










