Вербалната војна во предизборната кампања помеѓу лутите политички ривали се разгорува. ВМРО ДПМНЕ деновиве објави дека СДСМ подигнал хипотекарен кредит за да ја реализира кампањата и дека Бранко Црвенковски ја турка партијата во стечај поради лични интереси.
– Спротивно на сите закони, свесно кршејќи ги законите, целата оваа операција прераснува во очигледен пример на перење пари. Бранко на тој начин сака да ја направи СДСМ уште позависна, наметнувајќи се како неминовност и неопходност. Бранко сака само да си ја зачува фотељата по престојниот пораз. СДСМ е во стечај, Бранко Црвенковски ќе ги изгуби изборите, но во негов стил кога тој пропаѓа повлекува и други со него. Сега ја уништува и неговата партија како што ја уништуваше Македонија. – изјави Бичиклиски.
Црвенковски на ваквите обвинувања одговори од Охрид. Говорејќи на митингот што се одржа викендов на поранешниот полигон, Црвенковски истакна дека партијата само ја дели истата судбина со македонските фирми и граѓани и дека за разлика од власта со чесна работа ги подмирува задолжувањата.
– На два месеци пред избори Груевски зеде кредит од ММФ од 220 милиони евра. На сите ни е јасно зашто, за да ги купува изборите. Е сега по нивната логика, Груевски ја спрема Македонија за стечај? Тој се спрема за стечаен управник? Не ја бива таа работа. Ние, Вие, сите заеднио нема да дозволиме ниту Македонија во стечај да оди, ниту Груевски да и стане стечаен управник. Груевски и неговите после овие избори ќе се справуваат со друг тип на управници. – рече на митингот во Охрид, Црвенковски.










