Со впечатлива музичка вечер посветена на камерната музика, фестивалот „Охридско лето“ ја продолжи својата богата концертна програма. Под наслов „Внатрешен глас на виолончелото и виолината“, пред фестивалската публика настапија НУ Камерниот оркестар на Битола, австрискиот виолончелист Емил Ровнер и македонскиот виолинист Симон Поповски. Концертот се одржа под диригентската палка на композиторот, диригент и педагог Евгениј Шчербаков од Канада.
Вечерта понуди внимателно одбран и разновиден репертоар, во кој се сретнаа различни музички традиции и современи авторски пристапи. Публиката имаше можност да ги проследи делата на Евгениј Шчербаков – „Фантазија на корејска тема“, „Еврејско капричо“ и „Концерт за виолончело бр. 2“, како и „Три прелудиуми“ од Џорџ Гершвин во обработка на Шчербаков.
Посебно место во програмата имаше „Фантазија на македонски мотиви“ од Симон Поповски, дело преку кое македонскиот музички израз се најде во дијалог со останатиот репертоар. Програмата продолжи со делата „Трио за двајца“, „Расположение“ и „Во сеќавање на Гоце Коларовски“ од Евгениј Шчербаков.
Музичката вечер се одликуваше со богата звучна палета и специфичен спој на традиционалното и современото, а секое дело отвораше нов простор за интерпретација и музичка комуникација меѓу уметниците и публиката.
Чувството да се настапува на вака голем фестивал секако е прекрасно. Станува збор за голем предизвик и за престижен фестивал на кој секоја институција и секој уметник се стреми да учествува. Диригентот воедно е и композитор на делата што ги изведовме. Станува збор за композитор чиј стил потсетува на Шостакович, но и на други современи композитори. За нас е голема чест и задоволство да соработуваме со ваков голем уметник. Особено ми е драго што публиката ја прифати оваа модерна музика и реагираше одлично на изведбата“, изјави виолинистот Симон Поповски.
Со концертот „Внатрешен глас на виолончелото и виолината“, „Охридско лето“ уште еднаш ја потврди својата определба кон врвните уметнички достигнувања и создавањето простор за средба на различни музички култури, автори и интерпретатори пред охридската фестивалска публика. Вечерта беше уште една потврда дека фестивалската сцена продолжува да ги поврзува македонските и меѓународните уметници во заеднички музички дијалог.
OhridNews






















