Во реномираниот центар за убави уметности „Јован Колунџија“ – “Guarnerius“ во Белград, Србија, деновиве беше промовиран мултимедијалниот проект на охридскиот уметник Драган Спасески-Охридски насловен како „Погледни во себе“.

Овој проект ја опфаќа истоимената книга и циклусот слики масло на платно насловен како „Мајка и дете“, кои авторот ги создавал во изминматите десет години.
Изложбата ја отвори македонскиот амбасадор во Србија, Љубиша Георгиевски. 

За ликовната уметност на Драган Спасески Охридски говореше историчарот на уметност и ликовен критичар Станислав Живковиќ, кој истакна дека делата на македонскиот уметник имаат препознатлив ликовен израз.
-Сликарството на Драган Спасески Охридски се протега од реализам до асоцијална симболика, со умерена декоративна нота и естетска компонента која го афирмира како темперамент од нашето балканско поднебје, истакна Живковиќ.

Поетскиот опус на Драган Спасески Охридски го претстави писателот и книжевен критичар Кристина Николовска, која истакна дека збирката „Погледни во себе“ е филозофија, слика, поезија – триумф на уметноста.


На промоцијата на мултимедијалниот проект на Драган Спасески-Охридски присуствуваа голем број љубители на уметноста и познати личности од јавниот живот во Белград.
OhridNews