Вчера и денеска во просториите на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид се одржа дводневен семинар со наслов „Food and beverage management“, реализиран со континуирана соработка помеѓу оваа високообразовна институција и фондацијата „La Fondation pour la Formation Hôtelière“ со седиште во Женева.

На настанот, на кој беа присутни претставници од хотелско-угостителскиот сектор, професори од ФТУ Охрид, менаџери на ресторани и врвни странски експерти, се одржаа неколку презентации во насока на контрола на квалитетот на сервис, „slow food“, тестирање на вино, односно за прв пат во оваа институција се реализира работилница за дегустација на пиво.

Вчера имавме контрола на квалитетот на сервис и тестирање на осум видови вино, додека денеска одржавме презентација за slow food и можноста нашиот град да прерасне во slow town. Настанот заврши со тестирање на 12 видови пиво, со врвен експерт од Манчестер, кој пред присутните го презентира целокпуниот процес на правење на овој пијалок.“ – рече проф. д-р Ангела Василевска од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.

Проф. Адриан Барсби од Универзитетот во Манчестер, преку практичен и теоретски дел откри кои карактеристики треба да се оценуваат кај пивото за да се дојде до конечен заклучок за квалитетот на овој пијалок.

Вчера најпрво вршевме тестирање на неколку видови вина, зборувавме за различните брендови, односно интернационалните стандарди кои треба да се почитуваат. Денеска се запознавме со карактеристиките кои треба да се согледаат при дегустацијата, за да се дојде до конечниот заклучок и оценка за пивото.“ – потенцира проф. Барсби, долгодишен експерт со искуство во ланецот на елитни хотели како Хилтон.

Факултетот за туризам и угостителство Охрид е партнер на фондацијата „La Fondation pour la Formation Hôtelière“, од која е добиен грант во висина од 20 000 евра.

Добивме грант од 20 000 евра за опрема на нашата кујна, во која што ќе вежбаат студентите од нашата високообразовна институција. Ова е четврти семинар кој го организираме во соработка со овој фонд со седиште во Женева, а присутни се претставници како од нашите хотели и угостителски објекти, така и менаџери на ресторани и рецепции.“ – потенцира проф. д-р Мирјана Секулоска.

На настанот присустуваше и проф. д-р Елизабет Ајнсон, долгодишен експерт во областа на „Food and beverage“, која меѓудругото потенцира дека Охрид е одличен кандидат за да постане slow town.

Инаку, присутните на дводневниот семинар се стекнаа со сертификати од страна на фондацијата „La Fondation pour la Formation Hôtelière“.

O.T.

фондацијата „La Fondation pour la Formation Hôtelière“