Годишната програма на министерството за култура за 2019 која се однесува на изградба, санација и адаптација на постојните објекти што ги користат Националните установи од областа на културата, а која е објавена денес, не опфаќа било какви активности поврзани со охридскиот Центар за култура.

Со тоа пропаѓаат во вода надежите дека во скоро време ќе се реализираат било какви зафати со кои ќе се подобрат, во моментов, многу лошите услови во кои се работи во оваа национална установа, вклучувајќи го и охридскиот народен театар.

Повеќе воопшто не се спомнуваат најавените проекти во изминатите години за надградба на објектот во кој се сместени Центарот за култура „Григор Прличев“ и Библиотеката во Охрид со уште еден кат, а кој наводно требаше да се реализира во 2018 година, или пак изградба на целосно нов објект, наместо постоечкиот кој е изграден пред 38 години и во кој од изградбата до денес не се извршени било какви зафати за подобрување на условите за работа.

Новиот директор на установата, Горан Симоноски, во интервју за OhridNews, рече дека засега напорите се насочени кон изработка на посебни маркетинг планови со цел да се привлечат локални стопанственици, моќни компании во Македонија, да вложуваат во Центарот за култура Охрид, како би дошло до реконструирање-осовременување на постоечкиот објект.

Инаку, во денес објавената годишна програма на министерството за култура предвидена е изградба на нови театри во Тетово, Струмица, Театар за деца и младинци во Скопје, реконструкции на театрите во Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, реконструкција на НУ Албански театар во Скопје.

Т.К.