Група граѓани, вљубеници во природата и екологисти, покренаa иницијатива за подигање на еколошката свест во Охрид, во рамки на која во месец мај ќе се спроведе голема акција за чистење на дел крајбрежјето од Охридското Езеро во урбаните населби.

Мотото на еко кампањата ќе биде “Чистиме гласно“, а наскоро јавноста ќе биде запознаена со деталите за акцијата во која, според најавите на иницијаторите,  ќе бидат вклучени еколошки и спортски друштва, градот, институции и јавни претпријатија, медиумите, училиштата, урбаните заедници и граѓаните.

-Целта е преку масовност Охрид да покаже одлучност во решавањето на еколошките проблеми и да започне позитивна промена на еколошката свест кај охриѓани. Свесни сме дека со една акција не може да се исчисти сето ѓубре кое е расфлано во природата, но може да се влијае да се променат лошите навики. Исто така веруваме дека на тој начин и институциите ќе се охрабрат и ќе бидат построги во борбата со несовесните граѓани кои ја загадуваат животната средина.- велат иницијаторите на акцијата.

Утрово беше спроведена првата еко патрола на дел од охридското крајбрежје каде наскоро ќе биде организирана акција за чистење од отпад во соработка со надлежните институцие. Во урбаните населби во непосредна близина на езерото забележани беа повеќе диви депонии каде граѓаните непрописно одлагаат најразличен отпад, од покуќнина до апарати за домаќинство.

Во рамки на акцијата ќе биде реализирана медиумска кампања во која ќе бидат вклучени јавни личности кои ќе испратат пораки за зачувување на природата и нејзина заштита од загадување.

OhridNews