Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози на Република Македонија  и Универзитетска клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболички нарушувања на Медицинскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, ќе го организираат „4-тиот Македонски конгрес по ендокринологија, дијабетес и метаболички нарушувања“ од 1-ви до 4-ти октомври 2014 година во Охрид.

-Конгресот го организираме после 6 години, временски период за кој се случија многу новини во областа на ендокринологијата и дијабетесот и поради тоа овој настан може да се смета како главен  настан во развојот и надградувањето на знаењата за оваа област во нашата земја. Во оваа смисла, со анализа на достигнувањата во областа на ендокринологијата од последните години ќе можеме подобро да ги разбереме ограничувањата, ризиците и предностите на нашите дијагностички и терапевтски приоди, информираат од Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози на Република Македонија.  

Од таму се надеваат, дека овој Конгрес ќе биде место каде ќе бидат разменети информации, новини, искуства преку актуелна програма и со извонредни предавачи од Македонија и светот.

Според најавите, на овој научен собир ќе се дискутира за „Дијабетес тип 2“, „Дијабетес тип 1“, „Липиди и третман на кардиоваскуларен ризик“, „Микроваскуларни дијабетични компликации“,  „Нови правци во третманот на дијабетесот“, „Дебелина и третман на зголемена телесна тежина“, „Хипоталамични и адренални нарушувања“ и други теми.

OhridNews