Во Лапидариумот при Музеј куќата на Робевци, синоќа беше промовирана научната студија „Балканскиот етнички феникс (Историско-етнографски аспекти за заедницата на Балканските Еѓипќани)“ од д-р Рубин Земон, во издание на издавачката куќа „Авант прес”.
Трудот е едно од ретките четива со кои во македонската социјална мисла сериозно и интегрално се актуелизира, истражува и се продлабочува знаењето за етничката структура на македонското општество, истакна на промоцијата проф. д-р Ѓорѓи Тоновски, еден од промоторите на книгата.
Тој, не само што ќе ги збогати нашите сознанија за оваа проблематика, туку може да послужи и како провокација за нови истражувања и на евентуални други делови од недоволно истражената етничка структура на балканските општества, вклучувајќи го и македонското. – рече професорот Тоновски.

Имено, децениските напори на авторот за поширока афирмација на заедницата на Балканските Египќани на којашто и самиот припаѓа очигледно вродуваат со плод, а најдобар доказ за сето тоа се и официјалните признанија на реалноста во врска со оваа заедница што доаѓаат од разните балкански држави (Косово, Албанија, Србија, Македонија) на полето на општествено – политичкиот живот. – додаде професорот Малинов, исто така промотор на книгата.

Позната е неговата активност и во граѓанскиот сектор во земјата и странство како претседател на Сојузот на балканските Египќани, член на претседателството на Македонското етнолошко друштво, член на претседателството на Мрежата за мултикултурно општество и др.
Од 2013 година ја иницира и секоја година успешно ја организира како претседател на Програмскиот комитет на годишната Меѓународната конференција за културно наследство, туризам и медиуми, што веќе традиционално се одржува во Охрид за време на празнувањата на Водици, на која учествуваат околу 100-тина научници и стручни лица од земјата и странство.
Во 2018 година е назначен за посебен советник на претседателот на Владата за развој на мултикултурното општество, интеркултурализамот и интер-културните комуникации. Од таа позиција ја иницираше и почетно ја водеше подготовката на владината Националната стратегија за развој на концептот за Едно општество и интеркултурализмот, која всушност е и прва ваква државна стратегија за интеркутурализам во Европа.
Во јануари 2019 година Рубин Земон беше избран за пратеник во Собранието.
Г.М.













