Центарот за култура и културолошки студии (ЦККС) денес во  Охрид организираше трибина за медиумите и граѓаните како дел од проектот „Опсегот и значењето на поимот европски вредности во македонските печатени медиуми“.

Проектот, поддржан од УСАИД, се реализираше осум месеци и опфати истражување и анализа на поимот европски вредности во пет македонски печатени медиуми со цел да се добие јасна слика за начините на кои македонските медиуми зборуваат и пренесуваат за европските вредности.

Претседателката на ЦККС, проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева истакна дека резултатите од анализата на поимот европски вредности покажале дека има потреба од актуелизација на европските вредности во јавноста.

-Тоа ќе се реализира со поттикнување на медиумите за нивно известување за европските вредности кое ќе ги зема во предвид целите пропишани со Лисабонската декларација, а за поцелсно и пообјективно информирање на граѓаните. Заклучокот од трибината беше дека европските вредности не се разликуваат од македонските традиционални вредности меѓутоа треба да се води грижа за доследно спроведување на системот на вредности пропишани и во Европската Унија и во Македонија, рече Георгиевска-Јаковлева.

На трибината присуствуваа и се обратија проф. д-р Мишел Павловски, потпретседател на ЦККС и м-р Наташа Илиевска -Таневски, стручен соработник од ЦККС. 

OhridNews